Во Салонот 19:19 во Културно информативен центар – Скопје вечерва во 20:00 часот скопската публика ќе има можност да присуствува на концерт на Данијел Гашпаровиќ од Хрватска и Дино Имери, двајца исклучителни пијанисти со меѓународно реноме. Уметниците ќе презентираат програма од Л. ван Бетовен, Б. Папандопуло, Д. Имери, М. Мошковски и М. Равел настапувајќи како четири-рачно дуо на едно пијано.

Овој настап во Скопје за Имери претставува враќање дома по исклучителните неодамнешни меѓународни успеси во Косово каде настапи со Оркестар Приштина и Маестра Дијана И. Илкоска каде изведоа дела од Моцарт, Веберн и Стравински, како и настапот во Германија со Вурт Филхармоникер – симфониски оркестар со светско реноме, заедно со нивниот шеф-диригент Маестро Клаудио Вандели каде во рамки на концертот „Традиција и Модерна“ изведоа дури четири македонски дела од композиторите Дамир Имери, Дијана И. Илкоска и Глигор Смокварски, покрај делата на Равел.

Имери вечерва ќе ја оствари првата соработка со пијанистот Данијел Гашпаровиќ кој како солист и камерен музичар настапувал ширум цела Европа, а добитник е на бројни меѓународни награди и членувал во бројни престижни стручни комисии на меѓународни пијанистички натпревари. Гашпаровиќ е воедно извршен и уметнички директор на менаџерската куќа CristoforiumArt, а за време на својот престој во Скопје, во рамки на циклусот отворени предавања на Факултетот за музичка уметност, тој одржа бесплатно предавање на тема “Кариерен развој: музиката низ призмата на менаџерските куќи и организатори”.

Концертот е поддржан од страна на Министерството за култура и туризам, а влезот на концертот е слободен: Повеќе информации за резервација на седишта публиката може да добие на официјалните страници на социјалните мрежи на пијанистот Дино Имери.