Според новиот труд на Душан Синадиноски
- Барањето и плановите денес се чуваат во Државниот архив во Истанбул со сигнатура SD 1083/3. Документите беа непознати во македонската историографија, сѐ до нивното објавување во споменатиот труд од Душан Синадиноски
Неодамна излезе од печат трудот на нашиот сонародник Душан Синадиноски од Детроит со наслов „Црковно-дипломатските подвизи на јеромонах Кирил Пејчиновиќ и прота Мисо Мартиновски“ во издание на „Дејче“ од Тетово. Во трудот е прикажано и коментирано бараното одобрение од Кирил и Мисо од Високата порта во Истанбул, за изградба на црква и конак во Лешок и Тетово. Откако го обновил манастирот во Лешок, Кирил увидел дека старата средновековна црква „Св. Богородица“ со својата големина ни оддалеку не може да ги задоволи потребите на верниците. Исто така, и конакот што го изградил во 1818 година не ги задоволувал потребите на манастирските гости за време на патроните празници Св. Атанасиј и Св. Богородица. За да ги надмине овие проблеми, тој ангажирал мајстори да изработат планови за нова црква и конак. Изготвените нацрти, кои вклучувале вертикални и хоризонтални пресеци, заедно со официјалното барање, Кирил во 1832 година ги испратил до Високата порта во Истанбул, преку тогашниот Државен совет. По нивното разгледување, султанот Махмуд Втори издал ферман со кој одобрил изградба на објектите во Лешочкиот манастир.
Барањето и плановите денес се чуваат во Државниот архив во Истанбул со сигнатура SD 1083/3. Документите беа непознати во македонската историографија, сѐ до нивното објавување во споменатиот труд од Душан Синадиноски.
Иако Кирил го добил одобрението за градба на црквата и конакот, од непознати причини за нас тој не се зафатил со нивна изградба, меѓутоа одобрението за градба и плановите за црквата и конакот биле зачувани во манастирската архива сѐ до 1885 година. Во овие години, игумен на манастирот бил аџи Езекил. Гледајќи го планот што го оставил Кирил, на Езекил му оставил добар впечаток, па ангажирал мајстори и започнал со градба во 1885 година без измени на планот. Истиот тој го завршил во 1889 година. Конакот е долг 35 м, а широк 12,35 см. Во источниот дел има крило што завртува кон север и тука со крилото е широк 18 м. Конакот е зачуван до денес и се состои од сутерен и два ката. Сутеренот е на целата површина од конакот, на исто ниво со земјината рамнина, изѕидан со ѕидови дебели околу 60-70 см со камен, со две врати наменети за чување прехранбени продукти и пијалаци. Над подрумот се изѕидани два ката. Сите ѕидови на катовите, фасади и прегради се изѕидани со бондрук – бољме, ѕидани со плит. Нивната дебелина е околу 17-18 см. На двата ката преку средината на целата должина има ходник, лево и десно од ходникот се поредени собите. Катовите меѓу себе се поврзани со внатрешни скали. На долниот кат, на крајниот исток е капелата „Св. Кирил и Методиј“. Тука е сместена и спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ.
Од неговата изградба до денес се поминати 140 години, конакот ги има преживеано двата земјотреса, тетовскиот и скопскиот во 90-тите години, без ниедна пукнатина или некое искривување. Станува збор за колосално здание изградено пред повеќе од 140 години (околу 1880-тите години), со тенки плитарски ѕидови од само 17 сантиметри, кај кое до денес не се забележани никакви физички поместувања. Ваква цврста градба во тоа време можеле да создадат само градежните тајфи на генијалниот градител Андреја Дамјанов или на неговиот син Даме Андреев. Затоа, со целосно право и сигурност тврдам дека овој конак е дело на Даме и неговата тајфа, поради што тој претставува вистински споменик на културата.
Во 2022 година е пристапено кон негово внатрешно преправање во хотелски стил. Може би било добро на конакот да се стави мермерна плоча со овој или со друг информативен текст. Конакот е изграден со одобрен ферман од султанот Махмуд Втори од 1832 г. по планот подготвен за Кирил Пејчиновиќ. Градбата била изведена од синот на Андреја Дамјанов-Даме од 1885 до 1889 г.
Илија Петрушевски


































