- Збирката ќе биде промовирана в сабота, во 18 часот, во салата на порта „Македонија“ во Скопје
Збирката песни „Песна низ вековите“ на Милена Златеска содржи илјада триста и осумдесет народни песни од сите краеви на Македонија, песни што датираат од поголема историска дистанца, односно од периодот кога територијата на денешна Република Македонија била во рамките на Османлиското Царство, подоцна периодот на Првата светска војна, Балканските војни и НОБ. Сите историски и општествени настани што покриваат повеќевековен временски период од историјата и културната традиција на Македонците имаат свој одек во народното литературно творештво и се опејуваат во народните песни. Збирката ќе биде промовирана в сабота, во 18 часот, во салата на порта „Македонија“ во Скопје. Милена Златеска е истакната поетеса и препејувачка на поезија, која повеќе од триесет години живее и твори во Република Хрватска и има нераскинливи врски со своето огниште и со своите корени од татковината Македонија.
– Кога бев мала, баба ми ми ги пееше народните македонски песни или некои ми ги раскажуваше како прикаска. Кога дојдов во Пула, со текот на времето наоѓав моменти да отпеам некој стих, но на доста не можев да се сетам, едноставно почнав да ги заборавам. Така се јави идејата да почнам да запишувам. Потоа со отворањето на македонските асоцијации во Истра почнав да ги собирам песните што ги пееше хорот. Со напредокот на техниката повеќепати на Фејсбук знаев да најдам објавени доста стари песни и тогаш почнав интензивно да собирам, не водејќи сметка колку ги имам. Еден ден се сетив тие што ги имам да ги соберам во една книга и да појдам само да ги отпечатам и едноставно само да ги врзат. Но сама се изненадив кога ги склопив и излегоа многу страници. Случајно, во разговор со секретарката на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, Елизабета Петровска, предложив: кога веќе на едно место имам толку многу македонски народни песни, да им ги отстапам за пеење на сите хорови од друштвата. Така настана идејата да ги отпечатиме тие песни – ни споделува Милена.
По прифаќањето на предлогот на Управниот одбор на ЗМРХ збирката влезе во план и програма за финансирање преку Советот на националните малцинства во Република Хрватска.
– Пресудно беше да не се заборават песните што ми ги пееше баба ми како песната што често ја пееше „Засвирел Стојан посвирел со шарен кавал сретсело…“ – додава Милена.
Колекционирањето на песните траело повеќе од 30 години.
– Во Пула јас сум 35 години, а мојот сопруг повеќе од 40 години. Во Пула, во Истарската жупанија, како и во целата Хрватска сум среќна и преубаво ми е, ги уживаме сите права што му припаѓаат на еден граѓанин, но секојдневно нешто ми недостига, често размислувам или се фаќам сама себе во некои мисли во кои се пред сѐ баба ми и дедо ми, а и моите родители. Кога готвам, мислите ми летаат како баба ми го правеше тоа, кога имаме слава размислувам како славевме, кои обичаи ги правеше баба, кои песни се пееја на слава. Така што секојдневно мислите ми се таму негде, но кога сега сум подолго во Македонија истото тоа ми се случува, па со мислите сум во Пула. Така, можам да кажам дека сум меѓу една од ретките и душата ми е исполнета со голем број спомени, кои успевам да ги зачувам од заборавот. И не само дел од македонските народни песни туку и обичаите, културата, традицијата, пред сѐ јазикот, како македонскиот така и хрватскиот, кој го презентирам преку шест издадени двојазични збирки поезија, повеќе од 200 меѓународни зборници, каде што песните се преведени на повеќе странски јазици и околу исто така 200 признанија, благодарници, сертификати, меѓу кои и признанието од Град Пула – додава Милена.
Милена Златеска, во функција на собирачка, во оваа збирка на народни песни направила избор на огромен дијапазон на народни песни каде што провејуваат стихови и од лирски и од епски народни песни.
– Четиритомната збирка на народни песни „Песна низ вековите“ собрана и подготвена од Милена Златеска претставува најново монументално дело од овој вид во областа на македонската народна книжевност. Со оваа збирка се потврдуваат непроценливата вредност на македонската народна песна, скапоценоста на културното богатство на македонскиот фолклор и на македонското народно творештво. Збирката песни „Песна низ вековите“ како траен запис, непресушен извор на македонската народна традиција на пеење, собирање и запишување на народните песни, остава белег од огромна вредност во современата македонска книжевност – пишува во својот осврт кон збирката, вон. проф. д-р Катерина Видова.
Творбите се подредени по азбучен ред, што е добро и смислено решение за еден ваков творечки предизвик.
– Во нив се сместени различни теми и мотиви, поетики, жанрови, поетско родољубие, печалбарски, семејни, хумористични, револуционерни песни што на еден сопствен автентичен начин ја испишуваат и како аманет до идните поколенија ја оставаат поетската историја на Македонија. Песната е легитимација, документ за колективното македонско меморирање на мајчиниот македонски јазик, за обединувањето на зборот, времето и просторот во еден симбол на сопственото јас. Така, македонската народна песна низ вековите се возвишувала како химна на македонскиот народ до денешни дни со творбите на Александар Сариевски, Јонче Христовски, Миле Барбаровски и многу, многу други – пишува за ракописот на Милена, проф. д-р Васил Тоциновски.































