Фото: ЕУ

Со буџет од 1,5 милион евра во изминатите две години подготвени се законски решенија со кои надлежните очекуваат дека ќе придонесат кон подобрување на амбиенталниот воздух.

Подготвен е нацрт на новиот закон за квалитетот на амбиенталниот воздух, како и седум нови подзаконски акти и измени на уште еден подзаконски акт. Дополнително, изработени се планови за имплементација на три европски директиви.

– Ова е важен чекор кон усогласување со европските стандарди, но уште поважно е законските решенија да овозможат поефикасно следење на загадувањето и посилно спроведување на мерките. Напредок е постигнат и во националното планирање. Подготвени се нацрт-националниот план за квалитетот на воздухот за периодот 2027 – 2031 година и националната програма за контрола на загадувањето на воздухот за периодот 2027 – 2037 година – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на завршниот настан што се одржа во Скопје.

 

Сепак, вели Хоџа, подготвените закони, планови и анализи сами по себе нема да го исчистат воздухот. Вистинскиот тест е доследното спроведување на мерките и постигнувањето видливи резултати за граѓаните.

– За тоа се потребни јасни одговорности, соодветно финансирање и координација меѓу сите надлежни институции. Министерството има важна улога, но ниедна институција не може сама да го реши овој проблем. Потребни се заеднички напори на централната и локалната власт, стручната јавност и сите оние што моет да придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот – рече министерот Хоџа.

Проектот што се спроведуваше во изминатите две години со поддршка на Европската Унија дава и препорака за основање агенција за заштита на животната средина, нешто што го има во европските држави.

– Ова е добра практика. Секоја земја членка на Европската Унија има слична агенција за заштита на животната средина. Иако нивните имиња може да се разликуваат, нивните надлежности се слични. Министерството обезбедува политичко лидерство, а агенциите во земјите членки го следат усогласувањето со стандардите за животната средина, вклучително и стандардите за квалитетот на воздухот. Овие агенции претставуваат техничка и научна поддршка за унапредување на политиките. Тие служат и како мост за усогласување на националното законодавство со целокупното законодавство на Европската Унија во областа на животната средина, како и за негово спроведување на национално ниво – појасни Рокас.

Вели дека квалитетот на воздухот е подобар во земјите од Европската Унија поради правилата од Зелениот договор и казните што ги добиваат загадувачите, но се надева дека и Северна Македонија ќе напредува во овој поглед.

– Проектот доаѓа до својот крај, но зад себе ја остава поставената правна основа – семе што во блиска иднина може да донесе суштински промени во животот на граѓаните. Пред сè, новиот закон за управување со квалитетот на воздухот, изработен во рамките на овој проект, сега треба да биде усвоен и доследно да се спроведува. Затоа сметам на вашата поддршка во понатамошните чекори за негово усвојување. Потоа потребно е да се развијат и да се применат соодветните подзаконски акти, порача Рокас.

 

Проектот „Поддршка во спроведувањето на директивите за квалитет на воздухот“ е кофинансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош II (ИПА II).