- На последната анкета, Ајзенкот имал 45 отсто од гласовите, а Нетанјаху 33 отсто, но во контактите со Израелци добивам поинакви податоци. Во Израел се создава голем јаз меѓу „религиозните“ и „секуларните“ Евреи, што во иднина може да доведе до поголеми кризи. Според анкетите, дури 70 отсто од граѓаните во Израел сега се против постоењето на палестинска држава
- Што значи Израел за Македонија? Мнозина мислат дека нема значење, што не е точно. Израел е во коалиција со Грција со притисоци врз Турција.
При конфликт со Турција (Македонија е стратешки партнер) – каде ќе бидеме ние? Ставовите на Владата на Македонија се синергетски со САД, што значи официјално се „доста добри“ со Израел. Но кај народот (особено интелектуалците) – како што порано кажав – постои огромна љубов кон Иран, Хезболах и Хамас, што значи – дивергенција
Израел е земја што ја купија христијани, па Евреи, а е производ на Британија и холокаустот. Ништо не е завршено. Во ова предизборно „загревање“ кај нас, верувајте, се чувствувам „како на свадба“ во однос на она што се случува во Израел. Таму ми е фамилијата, најмилото и пишувам како некој што треба да го спали инквизицијата – а верувајте, тоа би ми било помило од она што го мислам сега. Израел не е важен само за себе и не е важен само за Евреите. Важен е за целиот свет. Војни имало од фараоните, следбениците на Мојсие, Давид, Вавилон, Анабазис на Александар, па Рим, па Наполеон, па Англичаните…, сѐ до денес и утре. Бидејќи таму ми е фамилијата, најмилото, ги следам случките „микроскопски“, без лутење – повеќе од кој било овде, па дури и од Израел. Посматрам како онаа „лудата“ Касандра, која беше казнета да ги знае работите однапред, ама никој не ѝ верувал. Барала да се запали тројанскиот коњ, знаејќи каква несреќа ќе донесе, а сите ѝ се смееле. Потоа знаете.
Ја пишувам колумната на 23 октомври. Следуваат избори на 27 октомври. Тука има два тројански коња – едниот е Нетанјаху, кој, според психологијата, има шанси пак да „измува“ некаква фундаменталистичка коалиција, која е „вториот тројански коњ“, и да владее. Тоа значи војна! Тоа го кажав и по минатите избори и ми се смееја. Нетанјаху мора да иницира војна поради две причини: едно за да избегне затворска казна, а друго, поради паранојата што постои кај сите Израелци и Евреи во светот, вклучувајќи ме и мене. Изјавите од ајатоласите дека примарна задача им е да ги уништат Израел и Евреите по светот кај мене предизвикува револт повеќе од страв, особено поради гигантската морална поддршка од сите. И порано рековме дека интелектуалната маса кај нас и Европа е вљубена во Иран и Хезболах до милион Целзиусови степени и ни ронка ум немаат дека тој систем доаѓа таму и ваму. Џихадизмот веќе има влијание врз изборите во Германија (Берлин) и Франција. Кај нас заборавиле кои биле џихадистите, особено јаничарите – дали нашите нови генерации знаат кои се јаничарите или ќе го учат тоа по следниот ПИСА-тест? Ајде прашајте!
Нетанјаху има неколку „предности“ во трката. Прво – ќе ги зголеми платите и пензиите, што знаеме каков фактор е. Второ, зад себе ги има „фундаменталните еврејски партии“ најмногу Хареди Шас и Обединета Тора, кои најчесто одбиваат да одат во војска, а „подбуцнуваат“ за да има војна. Трето – што малку Израелци го сфаќаат како што треба – Нетанјаху е единствен што има некакви (порано добри) релации со Путин. Да, тоа е многу важно и кога им кажувам дека идниот премиер мора да има добри релации со Русите – сите ме гледаат „накриво“.
Па тоа не е заради Русија, туку заради Израел. Ако стои лошо, тогаш Русија ќе им дава пософистицирано оружје на противниците (примарно Иран) – и што правиме? Иран секако дека прима некој степен на вооружување од Кина и Русија, но тоа е до некоја толерабилна граница. И на крајот – Нетанјаху има некои „уникатни таленти“ – да манипулира со масите, а исто и да манипулира со американските политичари (актуелно претседателот Трамп). Израел е важен за Америка не само заради Евреите туку тој е основна база и носач на американското присуство на Блискиот Исток. Нетанјаху има зад себе големо воено и разузнавачко искуство. Инаку, оние најфундаментални – ултраортодоксни (Хареди) Евреи се 13-14 отсто од населението, умерено религиозни се девет-12 отсто и „традиционални“ (Масорни) се 24-35 отсто – сите наклонети кон Нетанјаху. Арапи сега има 21 отсто (неодамна беа само 9 отсто) секако против Нетанјаху, а има и 9 отсто Друзи. Има и мал број Бахајци (најмногу во Хаифа). Секуларни се 33-34 отсто и тие главно се наклонети кон главниот противник – генералот Гади Ајзенкот (Јашар партија, релативно нова), поранешен шеф на Генералштабот на армијата (ИДФ). Нетанјаху е официјално левичар, но во денешно време знаете дека левичарските партии се спротивно од порано. Сепак, тој е извесен поддржувач на работничките права, што му носи гласови. Ајзенкот е десничар, но не гледам дека европските десничари се одушевени. Европа го мрази Израел. Европа бара коленичење за компензација на својата импотентност. Ајзенкот има загинат син при операциите во Газа, што исто носи извесен број гласови. Официјално, неговиот став кон Газа и Иран е „поумерен“, но тоа не мора ништо да значи. Проблем е што тој е добар војник, советник на поранешниот премиер Ехуд Барак, но нема политичко искуство. Тоа значи дека малку е познат меѓу Американците, можеби е малку поприфатлив во Европа од Нетанјаху и дефинитивно поприфатлив кај Палестинците. Не работел за разузнавачки служби, за разлика од речиси сите претходни премиери, но е близок со Ехуд Барак (премиер и познат агент на Мосад). Во анкетата пред три дена (го пишувам текстот на 23 октомври) Ајзенкот имал 45 отсто од гласовите, а Нетанјаху 33 отсто, но во контакти со Израелци добивам поинакви податоци. Во Израел се создава голем јаз меѓу „религиозните“ и „секуларните“ Евреи, што во иднина може да доведе до поголеми кризи. Според анкетите, дури 70 отсто од граѓаните во Израел сега се против постоењето на палестинска држава.
Лично не се согласувам со овој став, најмногу поради идната безбедност на Израел. Секако, ако таа држава на чело има формација како Хамас – тоа е опасно не само за Израел туку и за светот (Европа е веќе „начичкана“ со Хамас-милитанти, а така е и кај нас, само што не се кажува по медиуми). Израел е во систем на „врзани садови“ со Блискиот Исток, Балканот и Европа, а за САД и за двете Америки тоа е од есенцијално значење. На идните избори на САД ќе има две лоби-групи – еврејска и исламска (која брзо се експандира) и убеден сум во идни судири. Од професионалци дознавам дека исламофундаментализмот е критично присутен во Канада и се инфилтрира во Америка. Идниот премиер – колку и да има вакви или онакви склоности – практично не може да ги промени ситуациите, бидејќи тие не се само локално израелски туку глобални. Нема да го смени односот со Иран – но може да се воздржи од прв напад. Иран не се откажува од ерадикација (уништување) на Израел и Евреите и по цена на себеуништување.
Во шиитскиот џихад, себеуништувањето е светиња во однос на себеодржувањето, што е извесна разлика од сунитскиот, кој исто така е доста радикален. Теоретски – ако иранските ајатоласи се откажат од таа анихилација, проблемот е решен. По мене, нема шанси да се случи тоа. Во војната, Израел и САД не успеаја да го уништат раководството (покрај над 40 ликвидации на врвни водачи на Иран), поради „диспергираниот“ модус на раководење и командување, што е израз од една многу стара традиција од време на зороастризмот. Велат дека има 31 таков центар. Дали е можно симултано да ги уништат? – Не знам. Прашање: како беше можна инвазија врз Иран во Втората светска војна од Советскиот Сојуз и Британија, а сега не може? Како можеа Монголите на Џингис-кан да навлезат преку Корасан? Александар, кој навлегол преку Персиската Порта, е нешто поспецифично. Америка ќе му даде предност на Нетанјаху (официјална поддршка доби од Белата куќа) и имам чувство дека тоа може да биде нова војна. Кој и да биде, веднаш ќе отиде во САД за „аминување“. Ако Нетанјаху ги изгуби изборите, дали ќе биде судски процедуриран? Да, секако. Според Израелскиот закон, член на Кнесетот (парламентот) има право да бара имунитет, но тој може да му биде укинат дури и на премиер. Исто така нема да биде изземен и од Меѓународниот кривичен суд.
Што значи Израел за Македонија? Мнозина мислат дека нема значење, што не е точно. Израел е во коалиција со Грција со притисоци врз Турција. При конфликт со Турција (Македонија е стратешки партнер) – каде ќе бидеме ние? Ставовите на Владата на Македонија се синергетски со САД, што значи официјално се „доста добри“ со Израел. Но кај народот (особено интелектуалците) – како што порано кажав – постои огромна љубов кон Иран, Хезболах и Хамас, што значи – дивергенција. Антисемитизмот кај нас е во умерен подем, а во Европа и на Балканот е во вертикален подем. Во случај на „критичен судир“ на Израел со Иран, речиси сигурна е употреба на нуклеарно оружје, а во најмала мера тоа ќе има ирадијационо загадување, кое ќе дојде и кај нас. Наводно САД размислуваат за употреба на ненуклеарно силно оружје („mother bombs“), а нуклеарките се шпекулирање. Секундарни последици ќе бидат сигнификантно покачени цени на горива. Каква е улогата на разузнавачките служби? Иако официјално тие немаат улога во изборите, тоа не е точно. Улога имаат и внатрешните и надворешните служби. Нетанјаху има наклоност од агенцијата Мосад поради долгогодишна соработка, а Ајзенкот од Аман. Претходните претседатели сигурно ќе имаат улога. Дали овие служби се присутни во Македонија? – Сите служби на светот се присутни во Македонија со разни интереси. Мошне се присутни џихадистичките групи и агенти. Сврзани се со сивата економија, дрога и црни пари. Тие ќе се раздвижат во периоди на избори. Големите агенции имаат и „суб-агенции“, одн. поединци што се соработници, потоа амбасади и медиуми. Мислам дека „поинтересна“ за нив е Бугарија – поради црноморскиот појас и релациите со други земји.
Во декември се планира доаѓање на претседателот Херцог, со збратимување на неколку града, вклучително Ерусалим-Охрид, што има огромно духовно и психолошко значење. За Израел, пријателството има огромно значење поради сигнификантниот пад на популарноста во светот врзано со неодамнешните војни, но и подобрување на сите линии со „исламскиот свет“. За Македонија има значење за економијата – земјоделството, енергетиката, електрониката, но и како мост во соработка со други земји (на пр. САД). Има некакви гласини и за градење на „Вардарската Долина“, што значи дека за таква огромна инвестиција Македонија треба да даде „државна гаранција“, а од лично искуство сум многу скептик за тоа. Сите соработки за Македонија се добредојдени. Бог нека ни го чува мирот!
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио































