Фото: Собрание

Во Брисел вчера, за првпат, се одржа парламентарен состанок со Северноатлантскиот совет на НАТО (NAC), организиран заеднички од Парламентарното собрание на НАТО и Алијансата. На состанокот учествуваа шефовите на делегациите во Парламентарното собрание на НАТО и претседателите на националните комисии за одбрана.

Целта на средбата беше да се истакне значењето на улогата на сојузничките парламенти во спроведувањето на клучните цели договорени на самитите на НАТО во Хаг во 2025 година и во Анкара во 2026 година, информираат од македонското Собрание.

На состанокот присуствуваше и македонската собраниска делегација, составена од пратениците Драган Ковачки, шеф на делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на НАТО, и Павле Арсоски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.

Средбата овозможила размена на ставови со претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело, генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, помошниците на генералниот секретар Ник Кацарас и Тарја Јакола, како и со претставници на парламентите на земјите членки.

Во фокусот биле пораките што парламентарците треба да ги пренесат во своите национални парламенти за забрзување на реализацијата на приоритетите на Алијансата и за зајакнување на европскиот придонес во рамките на НАТО.

Учесниците оцениле дека координираната активност на парламентите е клучна за преземање конкретни национални мерки и планови во областа на одбранбените инвестиции, развојот на воените капацитети, набавките и отпорноста. Биле разгледани и можностите за унапредување на соработката меѓу парламентарните комисии за одбрана, Парламентарното собрание на НАТО и самата Алијанса.

Претставниците на НАТО посочиле дека кредибилното одвраќање се заснова на единството меѓу сојузниците, континуираните инвестиции и навременото обезбедување одбранбени капацитети. Притоа, била нагласена важноста на трансатлантската врска, како и потребата европските сојузници да го зголемат својот придонес во конвенционалната одбрана и да ги исполнат обврските за развој на потребните капацитети.

Посебно внимание било посветено на размената на национални искуства за исполнување на обврската од Хашкиот самит за издвојување пет проценти од БДП за одбраната. Целта е да се обезбеди долгорочна политичка поддршка и соодветни ресурси за НАТО да може ефикасно да одвраќа и да се брани од безбедносните закани.

На состанокот била потврдена важната улога на националните парламенти и парламентарната дипломатија во спроведувањето на приоритетите на Алијансата, зајакнувањето на трансатлантските односи и продлабочувањето на стратешкото единство меѓу сојузниците.