Фото: МИА

Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Велес против две лица и едно правно лице од Валандово и Дојран, поради сомнение за сторено кривично дело „Намерно предизвикување стечај“ од член 254 од Кривичниот законик.

Пријавата е поднесена против А.К., сопственик и управител на правно лице од Валандово, како и против самото друштво, и против Ј.Т., управител на друго правно лице од Дојран.

Според доказите собрани од Финансиската полиција, постојат сомневања дека првопријавениот, во периодот од 2020 до 2023 година, со однапред утврдена намера да избегне плаќање на обврските кон повеќе доверители, преземал незаконски дејствија за да создаде привидна финансиска немоќ на друштвото и да ја оневозможи наплатата на долговите.

Обврските, според пријавата, најголем дел се однесувале на странски правен субјект во износ од 289.617.022 денари, како и на Управата за јавни приходи, на која ѝ се должеле 883.283 денари.

За да создаде привидна правна основа за оптоварување на имотот на друштвото, осомничениот наводно склучил договор за закуп со друго правно лице со кое исто така управувал. Иако договорот, според Финансиската полиција, не бил реално спроведен ниту сметководствено евидентиран, по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали од 233,7 милиони денари, врз чија основа бил запишан товар врз имотот на друштвото.

По приговор на доверителите, Основниот граѓански суд Скопје донел времена мерка со која било запрено извршувањето.

Откако наводно не успеал обидот за отуѓување на недвижниот имот, првопријавениот, со помош на Ј.Т., презел дополнителни дејствија за предизвикување стечај на друштвото, се наведува во пријавата.

Во таа насока, биле префрлени 4 милиони денари по основ на позајмица. Средствата претходно биле примени од правен субјект основан од сопругата на првопријавениот, по што бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото.