Фото: ЕПА

Цените на нафтата забележаа пад од околу еден процент во азиската трговија, откако изгледите за можно решение на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран ги намалија стравувањата од прекини во снабдувањето. Падот следува во услови на дипломатски разговори во Техеран, и покрај обновените напади на хутите врз Саудиска Арабија.

Фјучерсите на суровата нафта „Брент“, која служи како европски репер, поевтинија за еден долар, односно за 0,86 проценти, достигнувајќи 114,81 долар за барел до 04.18 часот по Гринич, објави „Енерџи ворлд“.

Американската лесна сурова нафта (WTI) забележа пад од 88 центи, или 0,86 проценти, и се тргуваше по цена од 100,88 долари за барел.

Во меѓувреме, Саудиска Арабија, Турција и Пакистан вчера одржаа разговори со ирански претставници во Техеран, со цел намалување на тензиите на Блискиот Исток.

Цената на нафтата „Брент“ минатата недела надмина 117 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво од април, по серијата ирански напади врз танкери во Ормуската Теснина. Цената вчера повторно се искачи на нивото од 117 долари за барел.