Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама во неделата најави нова законска регулатива насочена кон справување со насилството на уличните протести, по неколкунеделните судири меѓу антивладините демонстранти и полицијата, кои продолжија да ескалираат и за време на изминатиот викенд. Рама ја опиша регулативата како „нов пакет против насилството и урбаната анархија“.
Тој повторно го обвини лидерот на опозицијата, претседателот на Демократската партија, Сали Бериша, за насилството на протестите. Исто така, ги обвини и „антифашистичките екстремисти, кои го величат насилството низ Европа, како и странските актери, кои не сакаат Албанија да биде дел од Европската Унија“.
Рама изјави дека регулативата ќе опфати мерки за обесштетување на малите бизниси за штетите предизвикани од протестите, како и мерки што ќе ѝ овозможат на полицијата да ги ограничува протестите во близината на одредени јавни институции. Исто така, ќе бидат вклучени и мерки што ќе ѝ овозможат на полицијата да побара од корисниците да ги избришат објавите на социјалните мрежи доколку тие поттикнуваат насилство, „притоа нудејќи и психолошка поддршка кога тоа е потребно“.
Рама најави дека со новата регулатива се воведуваат парични казни за „учество во неодобрен собир и непочитување на наредбите за разотидување“, кои ќе се движат од сто до илјада евра за секој учесник, како и казни за лицата што го кријат својот идентитет со носење маски.
Демонстрациите за време на викендот беа продолжение на антивладините протести во земјата, кои почнаа на 31 мај. Р.С.
































