Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дека Владата ќе преземе „конкретни и решителни мерки“ за исполнување на барањата на средношколците, чии протести за подобри услови во образованието прераснаа во повеќенеделни немири низ Франција, пренесува „Франс 24“.
Макрон изјави дека премиерот Себастијан Лекорни ќе ги претстави новите мерки по средбата со претставниците на средношколските синдикати, но истовремено предупреди дека следниот викенд би можело да дојде до нови протести и насилни инциденти.
– Побарав од Владата да одговори на легитимните барања што стојат во основата на ова социјално движење – изјави Макрон пред новинарите за време на посетата на Марсеј.
Францускиот претседател повтори дека властите очекуваат нови демонстрации следната сабота, на што претходно предупреди и министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.
Француската влада се обидува да стави крај на повеќенеделните протести, кои започнаа поради незадоволството на учениците од условите во образованието, а подоцна прераснаа во пошироко движење против зголемените животни трошоци и полициското насилство.
Особено насилни беа демонстрациите на 17 октомври, кога во повеќе француски градови дојде до судири, грабежи и уништување јавен и приватен имот.
Над 1.400 уапсени и стотици повредени
Според податоците што ги соопшти министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, за време на последните протести биле уапсени вкупно 1.435 лица.
Во судирите биле повредени 267 полицајци и припадници на жандармеријата, како и 150 демонстранти.
Тројца од повредените демонстранти се здобиле со тешки повреди во Тулуз, Ремс и Клермон-Феран.
– Денот беше ставен под контрола и немаше сериозни инциденти. Сепак, забележавме многу високо ниво на насилство насочено кон безбедносните сили – изјави Нуњез за телевизијата БФМТВ.
Иако министерот оцени дека последните демонстрации поминале со помалку инциденти во споредба со претходниот викенд, насилство повторно било регистрирано во Париз, Марсеј и други француски градови.
Макрон го посети Марсеј, каде што демонстрантите оштетија јавни објекти
За време на посетата на Марсеј, вториот по големина град во Франција, Макрон ја посети градската управа, чија зграда беше оштетена за време на насилните протести на 17 октомври.
Тој разговараше и со трговци чии продавници биле ограбени или оштетени во немирите.
Според „Франс 24“, дел од излозите во центарот на Марсеј и во понеделникот биле заштитени со дрвени плочи, како последица на неодамнешните судири.
Од Елисејската палата соопштија дека целта на посетата е да се покаже дека државата е присутна и решена да ја исполни својата обврска за заштита на граѓаните.
































