Фото: ЕПА
  • Вкупно има 125 странски играчи од рекордни 43 земји во составите за отворањето на сезоната. Од нив, 70 се европски. На списоците има 17 француски играчи, најмногу од која било земја од странство. Секој тим има барем еден странец, а Далас, Мајами и Вашингтон се предводници со по седум

Ѕвездата на Сан Антонио, Виктор Вембањама, не е единствената причина зошто француските навивачи ќе ја гледаат кошаркарската НБА-лига сезонава, бидејќи, откако на списоците за отворањето на сезоната во НБА-лигата има 17 француски играчи, најмногу од која било земја од странство, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Канада, која имаше поголема застапеност на играчи од која било друга земја надвор од САД во претходните неколку години, има 16 кошаркари во составите за отворањето на сезоната.
Вкупно, има 125 странски играчи од рекордни 43 земји во составите за отворањето на сезоната. Од нив, 70 се европски. Австралија има девет играчи во составите за отворањето на сезоната, по што следуваат Германија со седум и Нигерија и Србија со по шест. Секој состав на тим во НБА има барем еден странец, а Далас, Мајами и Вашингтон се предводници со по седум.
Странски кошаркари ја освоија наградата за најкорисен играч (МВП) во НБА во претходните осум сезони, при што Јанис Адетокунбо (Грција) од Мајами ја освои наградата за Милвоки во 2019 и 2020 година; Никола Јокиќ (Србија) од Денвер во 2021, 2022 и во 2024 година, Џоел Ембиид (Камерун) од Филаделфија во 2023 година и Шаи Гилџус-Александар (Канада) од Оклахома сити во 2025 и во 2026 година, пишува АП.

Враќање дома

Имаше многу движења на играчи на ниво на суперѕвезди летово, Леброн Џејмс отиде во Филаделфија, Јанис Адетокунбо во Мајами, Кавај Леонард назад во Торонто и други. Така, вчера Џарен Џексон Џуниор од Јута се врати за меч во Мемфис, на 10 ноември Пол Џорџ од Бостон се враќа во Филаделфија, на 18 ноември Тајлер Херо од Милвоки се враќа во Мајами, на 19 ноември Дамијан Лилард од Портланд во Милвоки, на 23 ноември, Џулиус Рендл од Бруклин се враќа во Минесота, на 25 декември Леброн Џејмс од Филаделфија во Лос Анџелес, на 21 јануари Џејлен Браун од Филаделфија се враќа во Бостон, на 28 јануари Адетокунбо од Мајами се враќа во Милвоки, на 6 февруари Џа Морант од Портланд се враќа во Мемфис, на 15 февруари Ламело Бол од Минесота се враќа во Шарлот…

Значајна статистика на играчите

Џејмс Харден од Кливленд е на 661 поен од тоа да стане деветти играч во историјата на НБА со 30.000 поени. Тој веројатно ќе стане и 11. кошаркар со 9.000 асистенции (има 127 асистенции помалку). На Кевин Дурант (32.597) од Хјустон му недостигаат 1.046 поени за да се изедначи Коби Брајант од Лос Анџелес лејкерс на 4. место на листата на најдобри стрелци во кариерата во НБА. Демар Дерозан од Денвер (26.711) влегува сезонава на 16. место на листата на стрелци, а Стеф Кари (26.528) од Голден стејт е на 19. позиција. Можеби до крајот на сезоната ќе бидат блиску до 10-от Шекил О’Нил (28.596). На Клеј Томпсон од Мајами му требаат 74 тројки за изедначување со Реј Ален (2.973) на третото место на вечната листа, зад Кари и зад Харден.

Јокиќ ја брка историјата

Никола Јокиќ од Денвер биде меѓу првите двајца во гласањето за МВП, нешто што го направил во секоја од претходните шест години, тој би поставил рекорд, пишува АП. Никој не го направил тоа седум години по ред. Јокиќ ја освои наградата во 2021, 2023 и во 2024 година, а беше втор во 2022, 2025 и во 2026 година. Тој е третиот играч со шест последователни пласмани меѓу првите двајца. Бил Расел од Бостон победи во 1958, 1961, 1962 и во 1963 година, а беше втор во 1959 и во 1960 година. Друга легенда на Селтикс, Лари Берд, беше втор во 1981, 1982 и во 1983 година пред да победи во 1984, 1985 и во 1986 година.

Тренери, тимови…

Има и неколку други бројки што би можеле да се достигнат сезонава. Ерик Споелстра од Мајами е на две победи до израмнувањето со Котон Фицсимонс (832) за 16. место на НБА-листата на најдобри тренери. Споелстра има и 34 победи помалку од еден од неговите идоли, Џек Ремзи, за 15. место (Ремзи има 864 победи во својата кариера). Стив Кер од Голден стејт може да се искачи меѓу првите 25 на листата со победи меѓу тренерите. Кер влегува во сезоната на 28. место со 603 победи во регуларната сезона, 10 зад Мајк Данливи на 27. место, 25 зад Даг Мо на 26-то и 35 зад Чак Дејли на 25. позиција. Сите победи на Кер се со Вориорс, а само Грег Попович (1.390 со Сан Антонио), Џери Слоун (1.127 со Јута), Споелстра (830 со Мајами), Ред Оербах (795 со Бостон), Ред Холцман (613 со Њујорк) и Фил Џексон (610 со ЛА лејкерс) имаат повеќе со еден тим. Мечот број 33 на Орландо сезонава ќе биде 3.000. натпревар од регуларната сезона во историјата на Меџик, 68. натпревар на Њу Орлеанс ќе биде број 2.000 во историјата на Пеликанс, а 34. дуел на Лос Анџелес лејкерс ќе биде нивниот 7.000-ти во историјата на франшизата, вклучувајќи ги и средбите во плејофот, пишува АП. Н.М.


НБА, ПРВИ МЕЧЕВИ ОД НОВАТА СЕЗОНА

Сан Антонио – Оклахома 104-116
Детроит – Бостон 121-113
Њујорк – Филаделфија 100-106