Нада Поп-Јорданова, академик
„Наука за сите: истражувања што го менуваат секојдневието“ е нова книга од Нада Поп-Јорданова во издание на „Матица македонска“. Низ 54 научнопопуларни текста, авторката ги поврзува големите научни теми со нашиот секојдневен живот: како мислиме, како чувствуваме, како растеме и како се менуваме. Зошто полесно учиме од луѓето што ни се допаѓаат? Што се случува со нас кога се вљубуваме? Каква врска има читањето со емпатијата и осаменоста? Поп-Јорданова тргнува од прашања што лесно се препознаваат во сопствениот живот и ги поврзува со истражувања од психологијата, медицината и од невронауката. На 322 страници, книгата нуди и слобода да се чита според сопствениот интерес. Секој текст е посебен влез: може да се почне од темата што денес најмногу нè засега, а потоа да се продолжи кон нешто за кое дотогаш не сме ни помислиле да прашаме.
„Наука за сите“ носи 54 различни истражувања и теми што директно го допираат секојдневниот живот. Што ве поттикна токму овие научни сознанија да ги издвоите и да ги претворите во книга? Како дојдовте до идејата да ги споите сите 54 во една книга?
– Ова е веќе трета книга во која се собрани моите написи од „Нова Македонија“. Првата книга беше „Пораки“ – за животот, здравјето, проблемите, во издание на „Матица македонска“, 2017; втората „Полезни сознанија на дланка“, „Матица македонска“, 2020, и оваа последната „Наука за сите: истражувања што го менуваат секојдневието“, „Матица македонска“, 2026. Оваа книга ги содржи насловите пишувани во периодот 2020-2026 година.
Сметам дека сите овие написи содржат пораки од науката што на секој читател ќе му помогнат во решавање на многу секојдневни предизвици и проблеми. Најчесто се користени најнови сознанија до кои доаѓам преку најврвните научни списанија, кои како претплатник ги примам секојдневно. Силно верувам дека науката треба да биде апликативна, да им служи на луѓето. Ако тоа не е случај, би се претворила во она што Французите го нарекуваат „ларт пур ларт“. Поточно, сите нови научни сознанија треба и мора да имаат примена во практиката. А објавувањето на мајчин јазик и нивно адаптирање за широката публика носи нови сознанија, совети, сугестии и начини за решавање на дилемите што постојат кај сите нас секојдневно.
Мислам дека нашиот народ е многу необразуван, особено со падот на нивото на образовниот систем, па тоа се користи за манипулации, најмногу од страна на медикофармацевтските компании. Кога некој би имал извор од каде што на достапен начин ќе осознае што е точно и добро, а што е лажна вест, мојата мисија би била исполнета. Своите написи ги пишувам про боно (без никаков материјален надомест), со голем мотив и желба за популаризација на науката.
Додека ги истражувавте темите за книгата, дали наидовте на некое научно откритие или сознание што целосно ви го промени начинот на кој гледате на некоја секојдневна појава или на самите себе?
– Секако. Мислам дека најголема новост е содржана во написот за „Невробиологија на психопатијата“. Како лекар и психолог за оваа негативна психолошка карактеристика сум учела во периодот на моите студии, а со вакви луѓе сум се сретнувала и во животот. Сите поранешни сознанија беа на основа на субјективните процени што стручните лица ги вршат кога пред себе имаат човек со „лоши“ карактеристики, кој има криминално досие, кој ѝ прави штети на околината, кој претставува антисоцијална личност, сите особини содржани во Меѓународните класификации на болестите. Со помош на најновите методи за истражување на мозокот и неговите функции, поточно со помош на функционалната магнетна резонанца, е покажано каде постои отстапување во мозочното функционирање, во кои региони или делови на мозокот, кога имаме вакви психопатски однесувања. Значи – невробиолошка основа за нарушувањето. Импресивни се наодите за помал мозочен волумен и помалку сива маса кај овие личности, особено изразени во фронталниот дел на мозокот (битен за когнитивните функции), како и во бадемастото јадро – амигдала, која е одговорна за емоциите. Поуката од овие сознанија би била – да се избегнуваат блиски комуникации и конфликти со овие личности, а особено е важно таквите да не се поставуваат на раководни функции зашто штетите би биле огромни. А низ историјата на човештвото знаеме колку вакви личности биле лидери и му предизвикале катастрофи на целиот човечки род. Она што е најбитно – оваа карактеристика, бидејќи има биолошка основа, не може да се менува со никакви третмани!
Од сите истражувања што ги обработувате… за љубовта, учењето, детскиот развој, емпатијата, осаменоста, технологијата и вештачката интелигенција…, кое сознание ви беше најголемо изненадување и зошто?
– Науката оди со неверојатна брзина напред. Секој ден има нови напредоци, еве во вештачката интелигенција, компјутерските системи, но и во суптилните биолошки системи што го контролираат животот. Имено, речиси да нема можен одговор на поставените дилеми. На секое зошто, сега има одговор – затоа.
Се трудам да бидам во тек со новите откритија поради мојата професија, но и како научник. Бидејќи Алцхајмеровата деменција сега е хит во медицината и невронауката, можеби за мене беше ново откритието на една нова молекула – ципин (2025) – за која се смета дека е најважна за комуникацијата меѓу мозочните клетки, што, пак, е најбитно за процесите на учење и помнење. Со откривањето на ципинот – протеин во синапсите и негова комуникација со системот на рециклирање на други протеини во мозокот – се создаваат нови можности за лекување на Алцхајмеровата деменција и на трауматските повреди на мозокот. Кога од лабораторија ќе се дојде до негово синтетизирање, тогаш милионите страдалници ќе имаат надеж за спречување на когнитивното пропаѓање или барем за забавување на процесот на пропаѓање. Исто така, бев импресионирана од генските откритија, примената на генетиката во лекување/избегнување на многу наследни болести, но и од можните етички злоупотреби на некои високи технологии.
Колку е тешко сложените научни истражувања да се пренесат на начин што ќе биде разбирлив и интересен за читател што не е научник, а притоа да не се изгубат суштината и точноста на сознанијата?
– Мислам дека е најбитно да се има мотив – а јас го имам тоа. Кога ќе прочитам нешто ново, тоа ме поттикнува најпрвин јас да го разберам, а потоа со поедноставни зборови и реченици да го објаснам за секој да може да го разбере. Знаете, јас 40 години работев на клиниката и имав комуникација со пациенти, нивни родители, но и со студенти. На сите нив требаше јасно и едноставно да им се објаснат научните факти. Во тој контекст, не ми е проблем да ги поедноставам работите и да ги објаснам така за да бидат достапни за пошироката публика.
Во книгата особено место ѝ давате на интелектуалната понизност – подготвеноста да признаеме дека можеби грешиме. Зошто сметате дека секому некогаш му е потребно преиспитување на сопствените уверувања…?
– Интелектуална понизност претставува термин што означува прифаќање дека нашите интелектуални можности не се безгранични или поинаку кажано – дека не сме најпаметните на светот, дека нашите мислења и ставови понекогаш се погрешни, дека имаме ограничувања. Зошто е важно да се осознае ова? Затоа што живееме во свет во кој владее анимозитет, секој секого го мрази помалку или повеќе, гледа да му наштети, па психолозите ја предложија интелектуалната понизност како некој вид противотров! Всушност, да не одиме подалеку – гледајте што се случува во нашава земја. Секојдневно излегуваат „змии“ од устите на лидерите, „змии“ од соработниците, една деструктивност, немање емпатија и сочувство… Секој мисли за себе дека е најумен, дека е најбитен, дека без него светот би застанал!? Но не е идентично во разни култури и народи. Значи битна е средината во која се одгледува младата генерација.
Затоа, ако се негува оваа особина (интелектуална понизност) во општеството би владееле подобри односи меѓу луѓето, би се почитувало туѓото мислење, би се ревидирале сопствените ставови или заблуди, би постоела поголема желба за нови сознанија, емоциите би доминирале во позитивна смисла. Бидејќи се изградува во текот на развојот, се нагласува важноста на родителството и на образовниот систем (кој неопходно треба да биде и воспитен). Интелектуалната понизност поттикнува слободна мисла, љубопитност, реални согледувања, ревидирање на сопствените верувања и ставови, напредок на личниот раст, услови за дијалог и почит кон другите. За да се постигне тоа, неопходни се волја, мотивација и најбитно – едукација.
Каква порака е скриена меѓу страниците на „Наука за сите“?
– Мојата желба е секој читател да се збогати со нови сознанија, да му станат интересни и предизвикувачки новините во науката, да стане критичен во однос на лажните реклами и понуди и во однос на деструктивните новини.
Кога ќе ја затвори книгата, да си каже – ете, нешто ново дознав што можам да го применам во сопствениот живот. И бидејќи книгата е поделена во три целини, наменети за разните животни периоди, секој да си најде нешто што токму сега му е потребно како поддршка.
Инаку, пишувам секојдневно – било да се тоа научни трудови или поглавја во научни книги (главно на англиски јазик), но, еве, објавив веќе 25 книги на нашиот македонски јазик, кои верувам ќе останат како трага за моето постоење…
































