Од Будинарци до светската сцена
- Со семејна фарма од околу 600 овци и производство на традиционално овчо сирење, жената од Малешевијата ја претвора вековната сточарска традиција во пример за современо земјоделство, економска самостојност и за достоинствен живот на село
Понекогаш една приказна од мало македонско село кажува многу повеќе за иднината на државата отколку десетици економски анализи. Приказната за Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е токму таква. Таа е жена што секојдневно работи на семејна сточарска фарма со околу 600 овци, произведува традиционално овчо сирење и верува дека од земјоделството може чесно и достоинствено да се живее. Нејзината работа, која почнува со грижата за животните, продолжува со производството и пласманот на храната, а завршува со одговорноста за семејната егзистенција, ја однесе и на светската сцена.
Имено, Пармачка е меѓу 100-те жени од целиот свет избрани во иницијативата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) „100 жени херои во агропрехранбените системи и руралниот развој“. На 15 октомври, во рамките на Светскиот форум за храна во Рим, таа ја претставуваше Македонија и доби признание во седиштето на ФАО за својот придонес во земјоделството и застапувањето за правата на руралните жени.
Но значењето на ова признание не е само во меѓународната видливост на една македонска земјоделка. Тоа е потсетник дека зад секојдневната работа на семејните фарми се крие потенцијал што Македонија сè уште не го искористува доволно, односно производство на домашна храна, развој на руралната економија, зачувување на традиционалните производи и создавање услови луѓето да останат и да работат во своите села.
Шестотини овци, семејна работа и јасна порака: Од сточарството може да се живее!
– Ова е благодарна професија од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство – вели Пармачка. Во овие зборови има нешто повеќе од лична гордост. Има порака дека сточарството не мора да биде дејност на која младите гледаат како на последен избор, ниту работа што неизбежно значи неизвесност и откажување од подобра иднина. Со знаење, организација, квалитетно производство и пристап до пазарот, семејната фарма може да биде вистинска економска основа.
Фармата во Будинарци е дел од традицијата на Малешевијата, регион во кој сточарството со генерации е поврзано со начинот на живот, локалната храна и со руралниот идентитет. Производството на овчо сирење, пак, отвора можност традиционалното знаење да се претвори во производ со препознатлив квалитет и поголема пазарна вредност.
Токму тука се наоѓа еден од неискористените потенцијали на Македонија. Не е доволно да имаме пасишта, овци и традиција на производство на сирење. Потребно е да изградиме услови во кои сточарите ќе можат да го планираат производството, да обезбедат сигурен откуп, да инвестираат во опрема и хигиенски стандарди, да ги развиваат сопствените производи и да добијат поголем дел од вредноста што ја создаваат.
Одгледувањето добиток е само почеток на производствениот процес. Следуваат млекото, преработката, зреењето и чувањето на сирењето, пакувањето, брендирањето, транспортот и продажбата. Секој од овие чекори создава можност за нова вредност и за нови работни места. Колку повеќе од нив се организираат во земјата, толку поголем дел од приходот останува во домашната економија.
Македонското сточарство има потенцијал што не смее да остане неискористен
Приказната за Будинарци отвора многу пошироко прашање. Имено, колку може да произведува Македонија ако посериозно ги поврзе сточарството, полјоделството, преработката и пласманот на домашната храна?
Одговорот не се крие само во бројот на овците или во количеството произведено млеко. Се крие во целиот систем што треба да го поддржи сточарот. За фармата да расте, потребни се квалитетна сточна храна, достапни ветеринарни услуги, соодветни пасишта, вода, модерна опрема, поволно финансирање, осигурување и сигурни пазарни канали. За млекото да стане поконкурентен производ, потребни се капацитети за преработка, контрола на квалитетот, складирање, препознатлив бренд и организиран настап на пазарот.
Тука полјоделството и сточарството стануваат две страни на една иста економска приказна. Поголемото домашно производство на пченка, луцерка и други фуражни култури може да придонесе за постабилно снабдување со сточна храна. Посигурната основа за исхрана на добитокот може да помогне во развојот на сточарството, додека домашното производство на млеко и месо создава простор за развој на преработувачката индустрија.
Тоа е модел во кој вредноста не запира на нивата, на пасиштето или во шталата. Таа продолжува во млекарницата, во производството на сирење, во пакувањето, во трговијата и, кога ќе се исполнат потребните стандарди и услови, во извозот. На тој начин традиционалниот земјоделски производ може да стане дел од современ синџир на вредност.
Македонија има што да понуди: локални сирења, млечни производи со препознатливи карактеристики, традиционални начини на производство и региони чиј идентитет е тесно поврзан со храната. Но традицијата сама по себе не гарантира успех. Таа мора да биде поддржана со технологија, контрола на квалитетот, инвестиции и добро организиран пазар.
Земјоделците не бараат само помош туку предуслови за поефикасно производство
Една од најголемите слабости на домашното земјоделство е што од производителите често се очекува самите да ги совладаат сите ризици, и тоа од временските непогоди (климатските промени) и цената на ѓубривата, водоснабдувањето, сточната храна до пристапот до капитал и, најважното, околу извесноста на откупот. Но семејната фарма не може сама да ги реши сите овие прашања.
Потребна е политика што ќе го препознае земјоделството како стратешка економска дејност. Тоа подразбира предвидливи програми за поддршка, поволни долгорочни кредити, инвестиции во водостопанската инфраструктура, модернизација на фармите и преработувачките капацитети, како и посилни производствени организации. Потребни се и посебни решенија за жените фармери, младите земјоделци и за семејните стопанства, за кои пристапот до финансирање и социјална сигурност често е одлучувачки за продолжување на дејноста.
Македонија треба да размислува и за специјализиран систем на земјоделско финансирање, вклучително и модел на земјоделска банка или развојна финансиска институција што ќе ги разбира сезонските приходи, долгорочните инвестиции и специфичните ризици на производителите. Поддршката не треба да се сведе само на надоместување на трошоците туку да овозможи фармите да станат попродуктивни, поконкурентни и поотпорни.
Особено е важно производителите да можат да планираат. Сточарот треба да знае каде и под кои услови ќе го продаде млекото. Земјоделецот треба да има сигурност дека инвестицијата во наводнување или механизација ќе му помогне да го зголеми производството. Преработувачот треба да има услови да вложува во капацитети, а потрошувачот да добива безбедна и квалитетна домашна храна.
Таквиот пристап не е само прашање на помош за земјоделците. Тоа е вложување во домашното производство, во работните места и во способноста на државата да обезбеди поголем дел од храната што ја троши.
Од признание во Рим до посилни македонски села
Иницијативата на ФАО „100 жени херои во агропрехранбените системи и руралниот развој“ се реализира во рамките на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, прогласена од Обединетите нации. Целта е да се истакне придонесот на жените во производството, преработката и трговијата со храна, како и во развојот на руралните заедници. Признанието за Вангелина Пармачка ја прави видлива работата на една македонска земјоделка на меѓународно ниво. Но неговото вистинско значење ќе биде многу поголемо ако нејзината приказна поттикне нови инвестиции, подобри услови за работа и поголема поддршка за семејните фарми во Македонија. Нејзиниот пат од Будинарци до Рим покажува дека земјоделството може да биде основа и за професионален развој и за општествен ангажман. Покажува дека руралната жена не е само помош во семејната работа туку производител, претприемач, организатор и застапник на интересите на својата заедница.
Ако сакаме повеќе вакви приказни, не треба само да им се восхитуваме на успешните земјоделци. Треба да создадеме услови нивниот успех да стане полесно достижен и за другите. Потребни се знаење, финансии, инфраструктура, сигурен пазар и институции што ќе ги гледаат земјоделците како партнери во развојот.
Вангелина Пармачка од Будинарци и успешната жетва на „Фероинвест“ во Овчеполието се два примера од различни делови на македонската земјоделска економија. Но нивната суштина е иста. Кога има работа, знаење, организација и јасна производствена цел, домашните ресурси можат да создаваат вистинска вредност. Македонија не мора да се помирува со неискористените ниви, недоволно развиеното сточарство и зависноста од увоз на храна. Може да произведува повеќе, да преработува повеќе и да создава посилни локални економии. За тоа, сепак, не е доволно да имаме вредни луѓе и добра земја. Потребни се организација на зафати и централизирана координација што ќе им помогне нивниот труд да се претвори во сигурна иднина. Зашто иднината на македонското земјоделство се гради кога од сопствените ресурси ќе создадеме повеќе домашна храна, повеќе производи со додадена вредност, повеќе достоинствени работни места и посилни македонски села. Е.Р.
Пармачка: Жените фармери се невидливи потпори на селото и државата, нивниот труд мора да се препознае и вреднува
Работата на Пармачка не завршува со обврските на фармата. Таа е и членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ), каде што се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, зајакнување на нивните права и за подобрување на условите за работа и живот.
– Жените фармери се невидливи потпори на селото и државата, нивниот труд мора да се препознае и вреднува – нагласува таа. Ова е прашање што го надминува родовиот аспект. Тоа е и прашање на економска ефикасност. Кога трудот на жените во земјоделството не е доволно препознаен, кога немаат соодветен пристап до финансии, осигурување, права и можности за инвестиции, тогаш целото семејно стопанство е во понеповолна положба. Кога, пак, жените добиваат можност да одлучуваат, да инвестираат, да се здружуваат и да учествуваат во креирањето на земјоделските политики, придобивките се чувствуваат во целата рурална заедница. Преку заедничкото дејствување во Националната федерација на фармери, жените фармери придонеле за иницирање посебна мерка за поддршка на нивните инвестиции во Програмата за рурален развој. Нивното застапување придонело и за воспоставување програма за поддршка на социјалната сигурност на жените што вршат земјоделска дејност, отворајќи пат кон регулирање на породилното отсуство за регистрираните жени фармери.
– Заедничката акција носи вистински промени и подобар економски и социјален статус за жените – истакнува Пармачка, посочувајќи дека здружувањето им овозможува да ги претворат заедничките проблеми во конкретни предлози и решенија.
Овој пример покажува дека организираното застапување може да донесе промени во системот. Но истовремено укажува и на тоа колку е важно поддршката за жените во земјоделството да не остане само на поединечни програми. Таа треба да стане траен дел од политиката за развој на семејните стопанства и руралните средини. Е.Р.
































