Фото: Маја Јаневска-Илиева

Другата страна на медалот покажува што добиваат граѓаните кога етничката мобилизација станува поважна од квалитетот на управувањето

  • Ревизорските наоди за Кичево отвораат прашање што е поважно од партиските пресметки. Имено, дали политичките партии ќе почнат да се натпреваруваат според квалитетот на управувањето и грижата за сите граѓани?

По дилемата што ја отвори повикот на Арбен Таравари за етничко обединување околу кандидатот за градоначалник во Брвеница, неодамнешниот извештај на Државниот завод за ревизија за Општина Кичево ја отвора и другата страна на истата приказна за тоа што добиваат граѓаните кога етничката мобилизација станува поважна од квалитетот на управувањето.
Имено, ревизорите изразиле неповолно мислење за финансиските извештаи и законитоста на работењето на општината за 2024 година, во времето кога на чело на Кичево беше Фатмир Дехари од ДУИ. Меѓу наодите се непланирани капитални расходи, слабости во документацијата и надзорот, ненаплатени побарувања и долгорочни финансиски обврски. Секако, овие наоди бараат институционална проверка и одговорност, но отвораат и поширока политичка дилема околу тоа колку граѓаните го добиле квалитетот на животот што го очекувале од своите избраници.
Долги години токму Кичево беше „воен плен“ и симбол на политичкото надмудрување околу етничката припадност на градоначалникот, при што на секои локални избори ДУИ мобилизираше и гласачи од странство за да обезбеди победа на својот кандидат. Но се покажа дека победата на изборите не е сама по себе доказ за успешно управување. На крајот, граѓаните не мерат колку е силен етничкиот блок, туку дали имаат почист град, подобра инфраструктура, функционални услуги и одговорна општинска власт.

– Токму тука се отвора можноста ДУИ да направи политички исчекор, така што евентуалните неправилности во работењето на нивниот кадар ќе ги прифати одговорно и ќе побара институционална разврска. Единствено на тој начин ќе се ослободи од хипотеките на истрошените кадровски решенија и ќе ја истакне грижата за сите граѓани пред етничкото пребројување. Впрочем, некогашната идеја за зелена надетничка политика можеше да биде основа за поинаква енергија, политика што ќе ги обединува луѓето околу животната средина, јавните услуги, економијата и квалитетот на живеењето, а не само околу етничката припадност – велат наши соговорници, политички аналитичари и добри познавачи на состојбите во албанскиот политички кампус.
Според нив, на Македонија веќе ѝ се потребни квалитетна конкуренција и политичко-идеолошка конкурентност, која ќе излезе надвор од етничките стеги.

– Ретроградните политики за загрозени нечии права веќе не поминуваат. Граѓаните ги уживаат сите можни права, така што она што сега го бараат е квалитетен живот. Не им е гајле повеќе кој е на чело на некоја институција, туку дали добро ја врши работата. Затоа ако ДУИ сака да понуди нова политичка перспектива, вистинскиот тест не е колку гласачи може да мобилизира по етнички клуч, туку колку може да ги убеди граѓаните од различни заедници дека има подобри решенија за нивните проблеми. На Македонија ѝ се потребни партии што ќе се натпреваруваат со политички програми, и резултати од тоа, со идеи и одговорни кадри и политики наместо да ги враќаат граѓаните во политичките ровови на минатото. На крајот, на граѓаните им е помалку важно од кој етникум е градоначалникот, а многу поважно дали градот во кој живеат навистина станува подобро место за живеење – заклучуваат нашите соговорници. С.Т.