Фото: „Нова Македонија“
  • Кога со уцени се урива правото, а европските стандарди се толкуваат селективно, државата ризикува да ја изгуби суштината на владеењето на правото

Барањето правосудниот испит во целост да се полага на албански јазик, проследено со најави за нови протести доколку не биде прифатено, отвора многу посериозно прашање од јазикот на кој кандидатите ќе одговараат на испитните прашања. Сѐ поочигледно е дека станува збор за класичен политички ултиматум, испорачан под маска, од еден партиски центар. Веќе извесно време сме сведоци дека од истиот центар се испорачуваат различни форми на политички активности. Преку нив се прави обид целосно да се игнорираат и да се еродираат нашиот устав, законите и демократските рамки во кои се врамени правата, обврските и еднаквоста пред институциите. На тој начин се уриваат и напорите на државата да го изгради мериторниот стандард во својот систем, не само во правосудниот туку и во целост.

Доста е веќе заканите и уцените да се наметнуваат над
уставноста и законитоста

Според повеќе медиумски извештаи од 19 октомври, студентските претставници го одбиле предлогот на Министерството за правда теоретскиот дел од испитот, односно 12 предмети, да се полага на албански, а практичниот дел, односно два предмета, на македонски јазик. Нивното барање е испитот во целост да биде на албански, во спротивно… „повторно да се излезе на протести“.
– Токму тука мора јасно да се постави границата. Имено, точно дека протестот е демократско право, но ниту една група нема право да го претставува своето барање како единствено можно решение, а одбивањето на државните институции, кои имаат де јуре основа за нивната одлука, да се третира како причина за политичка ескалација!? Државата не смее да попушта пред притисокот само затоа што тој е организиран, гласен или бидејќи е етнички мобилизиран. Нејзина обврска е да ја утврди законитоста на барањето, да ги сослуша сите засегнати страни и да донесе одлука врз основа на Уставот, законите и стручните стандарди – го почнува брифингот со новинари од нашата редакција, нашиот соговорник, реномиран адвокат од Скопје, со искуство и на меѓународен план.

Правосудниот испит не е обичен административен тест

Правосудниот испит не е само формалност за добивање диплома или документ со кој се потврдува завршено образование. Тој е дел од системот за проверка на знаењата потребни за вршење правни професии и за функционирање на правосудството. Затоа, прашањето за јазикот не може да се разгледува одвоено од прашањето за професионалната подготвеност на кандидатите. Правникот што ќе работи во македонскиот правен систем мора да може да ги разбира и да ги применува домашните закони апсолутно и прецизно на македонски јазик, да ја познава правната терминологија и да комуницира со институциите во рамките на своите професионални обврски. Тоа не значи дека кандидатите што се образувале на албански јазик треба да бидат дискриминирани или да им се оневозможи пристап до професијата. Напротив, државата има обврска да обезбеди фер и достапни услови за полагање. Но таквите услови никогаш не биле спорни.
– Пристапот на групата што го испорачува ултиматумот воопшто не би требало автоматски да подразбира дека испитот мора да се полага на јазикот што го бара кандидатот, особено кога нејзиниот настап е без посебна правна основа и без процена на професионалните последици. Или ако таква основа наоѓаат и ја пласираат, тогаш навистина не се подготвени да го полагаат правосудниот испит, затоа што очигледно, самото барање и нивно образложување покажува дека тие – немаат знаење! Со испорака на квазиправни образложенија, тие само покажуваат флагрантно правничко незнаење и се прашувам како стигнале да полагаат правосуден испит?! Или, пак, втората опција е дека како правници, тие им даваат предност на политиката и политикантството, пред правото. Уставот не смее да се толкува селективно. Највисокиот правен акт апсолутно истовремено ги штити слободата на изразување на националниот идентитет и начелото на владеење на правото. Овие одредби мора да се читаат како целина, а не да се извлекуваат само оние што одговараат на моменталните политикантски потреби на една група од едно етничко малцинство, кое постојано се фаворизира себеси над другите. А кај Албанците има многу образовани. Некои од нив и лично ги познавам и високо ги ценам и тие ги сметаат ваквите барања за професионално несериозни, па дури и смешни – вели адвокатот.

И Европските стандарди не се „мени“ од кое се избира само она што одговара

– Особено е значајно мислењето на Венецијанската комисија од декември 2019 година за Законот за употреба на јазиците. И во оваа пригода потсетуваме дека Венецијанската комисија оцени дека споменатиот закон во одредени области значително го проширува користењето на албанскиот јазик и во некои аспекти оди подалеку од европските стандарди за заштита на малцинствата. Особено предупреди на ризиците поврзани со двојазичноста во судските постапки и препорача преиспитување на тие одредби – истакнува нашиот соговорник.
Toj потсетувa дека во март 2025 година беше објавено и посебно заедничко правно мислење на Венецијанската комисија и надлежната дирекција на Советот на Европа за меѓународните и европските стандарди за употребата на малцинските јазици во јавниот живот и во судските постапки.
– Овие документи исто така се релевантни за оваа состојба. Затоа, и повикувањето кон Европа не смее да биде повторно селективно, како што селективно го пласираат тоа оние што испорачуваат барања со политичко-партиски агенди и зголемени апетити. Не може европските стандарди да се искривуваат и такви деформирани да бидат аргумент за проширување на одредени права, а да се игнорираат европските стандарди за правна јасност и функционално правосудство – образложува адвокатот.

Еднаквост за сите заедници, а не привилегии за една

Една од најсериозните дилеми што ја отвора оваа иницијатива е прашањето за еднаквиот третман на сите етнички малцински заедници во државата. Според тоа, во брифингот со нашиот соговорник адвокат, легитимно се отвора уште една интересна теза.
– Хипотетички, еве ако се утврди дека правосудниот испит може да се полага на друг јазик освен македонскиот, според Уставот и законите, врз основа на кои критериуми ќе се одлучува кои јазици ќе бидат опфатени? Дали ќе постои јасна и општа правна рамка што ќе важи за сите заедници или ќе се создаваат посебни решенија во зависност од политичката сила на групата што го поставува барањето? Ве молам, овде не станува збор за негирање на правото на албанската заедница да го негува својот јазик, туку за одбрана на принципот дека државата мора да постапува врз основа на општи, посебни, видливи и предвидливи правично применети правила. Тоа е тоа. Во државава живеат и Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и припадници на други заедници. А што со нив по однос на ова прашање? Хипотетички зборувам… Нивните права не смеат да бидат третирани како споредно прашање, ниту да зависат од тоа колку силно можат политички да притиснат врз институциите. Она што мора да биде еднакво е почитувањето на правата и обврските што произлегуваат од актуелниот устав и од законите. Ако се создаваат нови права, тоа е веќе друга ситуација… тие мора да бидат образложени со правни аргументи, а не со политички договори зад затворени врати или со притисок од улицата – вели нашиот соговорник. П.Р.


Одговорноста на политичарите е поголема од дневнополитичкиот интерес

Посебна одговорност имаат политичарите што ги претвораат јазичните прашања во средство за мобилизација на етничките гласачи. Кога секое нерешено прашање се претставува како победа или пораз на една заедница, се создава атмосфера во која компромисот се доживува како предавство, а институционалната одлука како тест за етничка лојалност.
Особено е проблематично ако најавите за протести станат средство за изнудување конкретно законско решение пред да бидат завршени стручната и правната анализа. Ниту една студентска организација, политичка партија или функционер не смее да се поставува над институциите и правните процедури.
Но одговорноста не е само кај студентите што го поставуваат барањето. Таа е и кај оние политичко-партиски центри што ја инспирираат уличната демократија, а и нешто повеќе од тоа, наместо политички да ги канализираат низ институциите. Се разбира, одговорност секогаш има и власта мора навреме да ги разјасни правните дилеми, недостатоците на испорачаните барања и несогласувањата со позитивно-правните норми и да ги објасни своите предлози и мислења, давајќи недвосмислен став. Министерот за правда, според медиумските извештаи, најавил дека ќе се бара мислење од Венецијанската комисија и дека целта е да се изгради единствен модел со јазична инклузивност и зачувани професионални стандарди. Тоа е правилниот институционален пристап, под услов конечната одлука навистина да се темели врз стручна процена, а не врз некакви преземени политички обврски. П.Р.


Правна држава или држава на ултиматуми?

Македонија нема потреба од нови етнички конфронтации, за кои веќе континуирано во јавноста две години се слушаат закани од еден политички центар, кој одвреме-навреме и по различни основи се обидува да организира јавни протести. Но секако дека Македонија има потреба јасно да се спроведуваат јасните закони бидејќи највисокиот степен на демократијата е во јасно спроведување и почитување на законските прописи. Натаму, Македонија има потреба од уште повисока функционалност на институциите и професионално правосудство во кое секој кандидат ќе биде оценуван според исти, проверливи и законски утврдени критериуми.
Примерите од Албанија или од други европски држави не можат механички да се пресликуваат во македонскиот правен систем. Секоја држава има свој уставен поредок, законска рамка и конкретни меѓународни обврски. Споредувањето е корисно само ако се земат предвид сите релевантни околности, а не ако се користи како изговор за однапред донесена политичка одлука. Најопасно би било прашањето за правосудниот испит да се претвори во уште еден преседан во кој институциите попуштаат затоа што се соочуваат со најави за протести, наместо да одлучуваат врз основа на правото. Таквата практика не им служи ниту на Албанците, ниту на која било друга малцинска заедница, а ниту пак на Македонците како државотворен народ во својата унитарна држава. Вистинската европска вредност не е во тоа која етничка група ќе издејствува повеќе, туку во тоа дали државата умее да ги заштити правата на сите без да ги наруши правната сигурност и еднаквоста.
– Ниту едно барање не се брани со претворање на институциите во заложници на ултиматуми, ниту европската демократија се гради со етничко надмудрување и политичко-партиска уцена. Македонија мора да остане држава на правото, а не држава во која секое политички доволно моќно барање станува закон само затоа што зад него стои закана дека улицата ќе го замени институционалниот дијалог – вели на крајот на брифингот нашиот соговорник, познат адвокат од Скопје. П.Р.