Фото: Пиксабеј

Лошиот квалитет на воздухот во градовите и урбаните средини се чини дека има многу посериозни последици за луѓето и за здравјето на луѓето отколку што се сметаше досега. И тоа од рана возраст. Намалувањето на загадувањето на воздухот во Њујорк е поврзано со подобри резултати на малите деца на тестовите за когнитивен развој, според студијата на научници од Универзитетот „Колумбија“. Повеќе од две децении тие ја следеле изложеноста на бремените жени на загадувачи и развојот на нивните деца, а резултатите покажуваат дека придобивките од почист воздух може да вклучуваат развој на мозокот на рана возраст. Истражувањето опфатило повеќе од 1.100 деца од посиромашните населби на северен Менхетн и Бронкс. Нивниот когнитивен развој беше оценет на возраст од една, две и три години, додека научниците ги следеа промените во квалитетот на воздухот и изложеноста на мајките на загадување за време на бременоста.
Фредерика Перера, професор емеритус и истражувач на Универзитетот Колумбија, објасни за „Гардијан“ дека тестовите вклучувале меморија, сензорна перцепција, решавање проблеми и комуникациски вештини. Децата, меѓу другото, морале да препознаваат и да поврзуваат форми и да редат коцки, а нивното разбирање на говорот и јазикот било тестирано.

– Во првите години од истражувањето објавивме значајни врски помеѓу пренаталната изложеност на загадување на воздухот и ефектите врз невроразвојот на децата. Тоа беше лоша вест – рече Перера.
Загадувањето се намали, а резултатите на децата се подобрија
За време на периодот на студијата, квалитетот на воздухот во Њујорк значително се подобри, делумно благодарение на мерките за намалување на емисиите од сообраќајот и греењето на зградите. Прописите придонесоа за намалување на емисиите од градските таксија, употребата на тешки масла за греење постепено беше напуштена, а во градските автобуси почнаа да се користат почисти горива.
Резултатите покажаа дека паралелно со намалувањето на загадувањето се подобрија и резултатите кај децата. Врската беше особено изразена на возраст од две и три години и во периодите во кои загадувањето на воздухот се намалуваше побрзо. Истражувачите исто така зедоа предвид и други фактори што можат да влијаат на развојот на децата. Во набљудуваниот период, уделот на деца што живееле со пушач се намалил, од 34 на 18 проценти, додека уделот на мајки што завршиле средно училиште се зголемил за девет процентни поени.
Иако овие фактори можат да влијаат и на развојот, поврзаноста помеѓу намаленото загадување и подобрите исходи останала видлива дури и по статистичкото приспособување за повеќекратни можни влијанија.