Фото: Министерство за транспорт

Амбицијата на Владата е целосно да ги изгради Коридорите 8 и 10 и со тоа да ја зацврсти политичката и економската позиција на државата, истакна вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МТВ.

Николоски посочи дека не е случајно што во земјата се градат шест автопати и две железнички пруги на европските коридори што минуваат низ Македонија.

– Прво е политички. Ние кога целосно ќе ги завршиме двата коридори, 8 и 10, веќе нема прашање за опстојувањето на Македонија. Јас така го гледам и Владата така го гледа. И не случајно, 2024 година, кога оваа Влада се формираше, премиерот Мицкоски ова го стави како прва политика на Владата – рече Николоски, пренесе МИА.

Тој оцени дека двата коридора имаат особено значење за земјата, посочувајќи дека едниот е меѓу најинтересните економски коридори во Европа, а другиот е важен безбедносен коридор за НАТО.

– Кога ќе имаме два функционални коридори, веќе никој нема да ја поставува под прашање судбината и постоењето на Македонија – истакна вицепремиерот.

Николоски, говорејќи за потребата од одговорен однос кон државните интереси, се осврна и на неодамнешниот настан со коските за кои, како што рече, се тврди дека му припаѓаат на цар Самоил.

– Ако двајца премиери на две соседни држави можеа да го направат тој спектакл со коските кои што наводно му припаѓаат на Цар Самоил, тогаш ние треба да сме исклучително одговорни кон државата и кон опстојот на државата и сметам дека ова е еден од начините да гарантираме опстој на државата – рече Николоски.