Фото: ЕПА

ШАХ

  • Тој има 11 години и осум месеци и рок до крајот на јуни 2027 година за да го надмине рекордoт на Мишра од 12 години, четири месеци и 25 дена

Рускиот интернационален мајстор (ИМ) Роман Шогџиев направи голем чекор кон тоа да стане најмладиот велемајстор (ВМ) во шаховската историја, освојувајќи ја својата втора велемајсторска норма на 11 години, играјќи во српската екипна Суперлига. Сега му недостигаат уште една норма и 29 рејтинг-поени за да го собори рекордот поставен во 2021 година од индискиот ВМ Абхиманју Мишра, пишува специјализираната шаховска интернет-страница „Чес“. Во текот на целата лига, тој покажа импресивен борбен дух, остварувајќи победи со упорна игра во завршниците. Тој ги победи силните ВМ, Иван Чепаринов (2.631), Барат Субраманијам (2.603) и Џингјао Тин (2.602), завршувајќи ја лигата со реми во 9. коло, против ВМ од Унгарија, Ференц Беркеш, со вкупно шест поени од девет партии. Тој не играше во последните две кола, а оствари перформанс-рејтинг од 2.662 поени, што е значително над границата од 2.600, која е потребна за норма за ВМ. Патем освои и 26,1 рејтинг-поени, па неговиот моментен рејтинг е 2.471,1, пишува „Чес“.
Иако на 11-годишникот му се потребни уште 29 рејтинг-поени и уште една норма за да ги исполни условите за титулата ВМ, овој резултат го прави еден од највнимателно следените млади шаховски таленти, кој е на дофат на достигнување нешто што ниту еден шахист го нема остварено пред 12. роденден. Мишра стана најмладиот ВМ во историјата во јуни 2021 година, на возраст од 12 години, четири месеци и 25 дена. Шогџиев, кој сега има 11 години и осум месеци, има рок до крајот на јуни 2027 година за да го надмине тој рекорд. Доколку ги исполни условите пред својот 12. роденден (4 февруари), тој ќе стане првиот ВМ помлад од 12 години и ќе го собори рекордот за повеќе од четири месеци. Сепак, за Шогџиев, амбициите се протегаат подалеку од рекордите поврзани со возраста, пишува „Чес“.
– Сакам да станам светски шампион. Едноставно сакам. Тоа би било фантастично – рече Шогџиев, кога претходно годинава беше прашан за неговата крајна шаховска цел. Г.И.