Илустрација/Фото: Пекселс

На Универзитетската клиника за психијатрија е забележан пораст на бројот на пациенти кои побарале стручна помош поради психолошки последици од семејно или интимно-партнерско насилство. Според електронските здравствени записи, во првите седум месеци од 2026 година биле евидентирани 101 случај, наспроти вкупно 79 во текот на целата 2025 година.

Како што информираат од Клиниката, податоците биле презентирани од проф. д-р Славица Арсова на предавањето „Форензички аспекти на семејното насилство: епидемиологија, последици врз менталното здравје и терапевтската и форензичката улога на психијатарот“, одржано во рамки на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026 во Охрид.

Најголем број случаи во 2026 година биле евидентирани во март – 27 пациенти, потоа во април – 23 и во јуни – 21 пациент. Од Клиниката посочуваат дека овој период се совпаѓа со случајот во Скопје во кој мајка заедно со своето дете скокна од балкон, по претходно долгогодишно семејно насилство.

Истражувањето опфатило ретроспективен преглед на податоците од системот „Мој Термин“ за периодот од јануари 2025 до јули 2026 година. Анализирани биле пациентите со дијагнози од групата F43, кои се однесуваат на растројства поврзани со стрес.

Проф. Арсова нагласила дека бројките ги претставуваат евидентираните медицински случаи и не мора да значат дека семејното насилство во општеството е во пораст. Според неа, зголемувањето може да се должи и на подобро препознавање и документирање на случаите, како и на поефикасно упатување на пациентите кон здравствените установи.

Од Клиниката истакнуваат дека здравствените професионалци треба да ја проверуваат безбедноста на пациентите во доверлива средина, систематски да ги документираат видот и времетраењето на насилството и да ги следат протоколите за вклучување на надлежните институции. Раното препознавање е важно за соодветна психијатриска поддршка, процена на ризикот и упатување кон потребната заштита.

Анализираните случаи покажуваат дека последиците од семејното и интимно-партнерското насилство ги погодуваат сите возрасни групи. Просечната возраст на пациентите била 40 години. Меѓу евидентираните лица имало 19 помлади од 18 години и 29 постари од 60 години. Жените биле застапени трипати повеќе од мажите.

Податоците на Клиниката се надоврзуваат на статистиката на Министерството за внатрешни работи, според која бројот на пријави за семејно насилство се зголемил од 4.421 во 2022 година на 5.436 во 2025 година.

Според податоците на МВР за 2025 година, меѓу најчесто евидентираните категории жртви биле сопругите, со 1.438 случаи, родителите, со 1.000, и поранешните брачни партнери, со 708 случаи. Во истиот период биле регистрирани 1.195 кривични дела поврзани со семејно насилство, наспроти 1.117 во 2022 година, дополнуваат од Клиниката.