Кој ги наполни улиците со кучиња – ковидот или системот?
За време на ковидот едни раскинаа, други се разведоа, трети се преселија на село, четврти сменија работа или, пак, начин на работа оддома, а петти наједноставно си зедоа куче. „Дома сум цел ден, ми треба друштво, ќе шетаме, ќе ни биде топ.“ Ама помина ковидот, луѓето се вратија на работа, во кафеани и на одмори, па почна хит-приказната: „Сите тие што зедоа кучиња за време на пандемијата, после ги фрлија на улица!“ Ние сме секогаш против импулсивните одлуки кога станува збор за миленик. Но дали во ковидот стана збор за импулсивни одлуки или, пак, за сериозни добро размислени лични одлуки за сопствениот живот, кои можеби биле одложувани со години. Кога не знаеш или не сакаш да го решиш проблемот, најлесно е да измислиш виновник. Така, за уличните кучиња во Македонија стана виновен ковидот, па и ден-денес ја слушаме таа евтина приказна: луѓето набавиле кучиња, се вратиле на работа и масовно ги напуштиле. Приказната се повторува толку често што многумина веќе ја прифаќаат како факт.
Но кој докажа дека токму тие кучиња ги создале денешните улични глутници? И зошто упорно ги игнорираме депониите и отпадот како главни двигатели на оваа милионска популација? Кој е виновен за уличните глутници во Македонија и каде се доказите дека токму ковидот ги создал денешните улични популации? Полесно е да обвиниш човек отколку да објасниш зошто со децении имаме кучиња на депониите, во селата, околу преполните контејнери, пазарите и викенд-населбите. Полесно е да ја повторуваш приказната за ковидот отколку да прашаш кој го контролира достапниот отпад од кој се храни милионска популација на кучиња.
А што ако приказната за ковидот нè одвлекува од вистинскиот проблем? За време на пандемијата многу луѓе набавија салонски кучиња придружници за да добијат емотивна поддршка и да поминат денови затворени во стан со нив како би им се посветиле целосно. Еве ги бројките: досадни, проверливи и тврдоглави. Во Велика Британија за време на пандемијата домашната популација на кучиња пораснала за околу 900.000, додека напуштањата поврзани со пандемијата пораснале за само 13.000, што докажува дека тие кучиња не се масовно напуштани туку баш напротив. Во САД по пандемијата, прифатилиштата и спасувачките организации примиле 14 отсто помалку отколку во 2019 година, што исто така докажува дека „ковид-кучињата“ се дури и статистички најмалку напуштаните кучиња, што и не е така неразумно познавајќи ги причините и времето на посветеност што луѓето го имаа. Во Македонија за време на пандемијата масовно се купуваа мали расни салонски придружници „за по дома“ како малтезерите, бишоните, пудлите и померанците, кои едвај достигнуваат до 5 кг и се целосно зависни од човекот, односно имаат нула шанси за преживување на улица. Можноста истите тие да се размножат на улица би била и под нулата доколку статистиките дозволуваа мерење негативни параметри. Наједноставно, банално и секојдневно набљудување во урбана средина ќе покаже дека наместо напуштени мали бели „ковид-пувки“ по улиците, ние гледаме крупни, мускулести кучиња, често над 40 кг, што се движат во глутници, се натпреваруваат за храна и преживуваат во сурови улични услови. Нема простор да се говори за урбано улично куче што е напуштено „ковид-куче“. Овие улични популации не се создаваат прекуноќ во градовите како што се фантазира. Низ многу генерации кучињата што живеат слободно на перифериите се приспособуваат на борбата за опстанок: бараат храна, преживуваат глад, јадат и расипани остатоци, природно се селектираат, се снаоѓаат во сообраќајот и живеат без ветеринарна грижа, вакцинација или заштита од паразити. Тие успеваат да преживеат и да се размножат во тие услови близу депониите и околу селата и постепено генерациски да талкаат и да доаѓаат во градовите каде што, за жал, има изобилство на достапен органски отпад.

Од померанец па до акита — домашното куче не е подготвено за живот на улица. Миленикот зависи од човекот за храна, безбедност, нега и здравствена заштита. Не мешајте преживување со благосостојба, ниту улична популација со група неодамна напуштени миленици. Каде се создаваат условите за опстојување на овие популации? Околу депонии, диви сметишта, преполни контејнери, пазари, индустриски зони и викенд-населби. Достапниот отпад и органските остатоци се извор на храна. Кога има храна, а нема систематска контрола, кучињата можат да опстојуваат и да се размножуваат. Ова не е само претпоставка. Во презентацијата на Македонија пред Светската организација за здравје на животните во 2024 година, депонии во околината на Кичево, Ресен и Дебар се посочуваат како жаришта поврзани со неконтролирано размножување и движење на кучиња кон урбаните средини. Стерилизацијата и кастрацијата се неопходни, но сами по себе не се решение. Потребни се систематски програми за стерилизација и кастрација, контрола на сопственичките кучиња, превентивно спречување на напуштањето преку ригорозни казни и едукација, но најнапред, најважното: сериозно управување со отпадот како главен двигател на оваа популација. Отпадот кога е достапен во изобилство, како за жал во Македонија, доведува до хиперпопулација не само на кучињата туку и на сите синантропни видови на животни: мачките, враните, стаорците итн. Можеме утре да ги кастрираме сите малтезери и другите „ковид-салонци“ во Македонија — тоа нема ни за милиметар да ја промени популацијата што се размножува околу депониите.
Преку МИЛО – Едукативниот центар за одговорни сопственици на миленици, работиме на едукација и превенција. Но едукацијата не го заменува управувањето со отпадот, а заловувањето на единките во урбана средина на јавните претпријатија не е долгорочно решение, особено кога периферните извори остануваат невидливи за нив. Залудно официјални лица зборуваат за смешни 4.000 улични кучиња во урбано Скопје без да бројат стотици илјади единки во околните депонии, села, планини, индустриски комплекси како „Охис“ итн. Напуштањето кучиња е реален проблем и мора да се спречува, но да ја сведеме целата улична популација на пандемијата значи да ги игнорираме причините што постоеле и пред и по неа. Прашањето е зошто системот со години создава услови тие да опстојуваат и да се размножуваат — и зошто упорно одбиваме да го решиме проблемот таму каде што навистина настанува. Модернизацијата на управувањето со органскиот смет не се решава за една година, ниту на локално ниво ниту пак за еден мандат. Тоа е долг и скап процес, кој треба да стане долгорочна еколошка национална стратегија кон која мора да се придржуваат сите политички чинители за да успее. На тој начин ќе се исчистат почвите, водите, воздухот и ќе се намалат драстично популациите на сите синантропни видови на животни. Слободноживеачките кучиња нема никогаш да исчезнат од нашето опкружување, но прогресивно ќе бидат поретко присутни во границите на нормалното и хуманото. Помалку страдање на околината значи помалку страдање за луѓето, но и за животните.

































