Фото. Министерство за здравство

Речиси 25.000 граѓани досега се пријавиле за вакцинација против сезонски грип преку интернет-страницата „vakcinacija.mk“, покажуваат податоците од системот „Мој термин“. Вакцинацијата се очекува да започне во периодот од 16 до 25 октомври, информираат од Министерството за здравство, пренесе МИА.

Првите 30.000 дози вакцини се од типот „ГЦФЛУ Мулти инј.“, произведени од јужнокорејската компанија „ГЦ Биофарма корпорејшн“.

Од Министерството појаснуваат дека станува збор за тривалентната вакцина „ГЦ Биофарма – вакцини против грип“ за 2026 година, која е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува пропишаните критериуми за квалитет. За вакцините се обезбедени сертификат за квалитет од производителот и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот во мрежата на официјалните лаборатории за контрола на лекови (ОМЦЛ).

Првата пратка вакцини, како што информираат од Министерството, е обезбедена преку заем во рамките на воспоставената меѓународна соработка со соседните држави, во овој случај преку УНИЦЕФ во Албанија.

Дополнителни 26.000 дози вакцини од француската компанија „Санофи“ се очекува да пристигнат до 15 ноември. Во тек се и разговорите за обезбедување уште 24.000 дози.
Приоритетните групи граѓани кои ќе имаат предност при вакцинацијата ќе ги утврди Комисијата за имунизација, посочуваат од Министерството за здравство.