Национална онколошка мрежа, единствени стандарди за лекување и долгорочен план за контрола на ракот се клучните приоритети за унапредување на онколошката грижа во Македонија. Овие прашања беа во фокусот на работилницата „Редефинирање на онколошката грижа: системски решенија за достапна и непрекината грижа во Македонија“, организирана од Министерството за здравство и здружението ХЕМА-ОНКО.
Според Министерството за здравство, на настанот за првпат заеднички дискутирале претставници на Владата, здравствените институции, академската заедница, пациентските организации и меѓународни експерти, со цел да се утврдат главните предизвици и насоките за развој на онколошкиот систем во земјата.
Министерот за здравство Сашо Клековски оцени дека е неопходна суштинска промена на постојниот модел на лекување, од фрагментиран и преоптоварен систем кон координирана национална онколошка мрежа со единствени стандарди и сеопфатен пристап кон пациентите.
– Сега е критичен момент како од фрагментиран и преоптоварен систем на онколошка грижа да преминеме во сеопфатен национален план и онколошка мрежа со единствени стандарди – изјави Клековски, нагласувајќи дека процесот ја има поддршката на Владата и здравствените власти.
Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, истакна дека за првпат прашањето за грижата за пациентите со малигни заболувања се разгледува на толку високо институционално ниво, со вклученост на сите релевантни чинители и европски експерти.
Во 2023 година во Македонија биле регистрирани 8.371 нов случај на рак, што е за 16 проценти повеќе во споредба со пред десет години. Во истиот период од малигни заболувања починале 3.726 лица. Според презентираните податоци, дневно се дијагностицираат околу 23 нови случаи, додека просечно 11 лица умираат од последиците на болеста.
На работилницата, проф. д-р Жозеф Глигоров од Универзитетот Сорбона и болницата „Тенон“ во Париз ги претстави европските практики и стандарди во онколошката грижа, посочувајќи ја потребата од воспоставување национална онколошка мрежа.
Предложениот модел предвидува еден сеопфатен онколошки центар да ја координира грижата на национално ниво, најсложените случаи да се третираат централизирано, а стандардните терапии да бидат подостапни за пациентите поблиску до нивното место на живеење.
Како едни од главните слабости на актуелниот систем биле издвоени нискиот опфат на скрининг-програмите, недоволните дијагностички капацитети и преоптовареноста на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО). Посебно било нагласено дека опфатот на скринингот за рак на дојка е под шест проценти, додека клиниката располага со само три линеарни акцелератори за потребите на околу 1,8 милиони жители.
Сепак, учесниците посочиле и одредени позитивни поместувања. Во 2025 година дијагностичките услуги биле зголемени за 15 проценти, а бројот на радиотерапевтски третмани за 55 проценти, што, според изнесеното на работилницата, се должи на подобрената организација и ангажманот на здравствените работници.
Во завршното обраќање, Клековски најави итни мерки за стабилизирање на системот, паралелно со подготовката на долгорочен национален пристап за контрола на ракот. Меѓу планираните активности е и изработка на студија за инфраструктурата и технологијата потребни за унапредување на онколошката грижа.
– Пациентите што се лекуваат денес не можат да чекаат, па затоа прво доаѓаат итните мерки. Паралелно започнуваме повеќе активности, како студија за инфраструктурата и технологијата и градење на долгорочен национален пристап кон контролата на ракот – изјави министерот.
Тој додаде дека Македонија од оваа година учествува во европската програма EU4Health под исти услови како земјите-членки, нагласувајќи дека за искористување на европската финансиска поддршка се потребни национален план, јасно определена водечка институција и квалитетни податоци.
Воспоставувањето координирана онколошка мрежа, подобрувањето на раното откривање и обезбедувањето континуирана и подостапна терапија остануваат меѓу главните предизвици за здравствениот систем, со цел пациентите да добијат навремена и квалитетна грижа.

































