Голем жолт камион, предводен од засилена полициска придружба, возеше низ празните лондонски улици среде ноќ и тајно достави ремек-дело старо 1.000 години во Британскиот музеј. Станува збор за таписеријата од Баје, дело што ќе биде изложено во овој музеј до јули следната година. Таписеријата е едно од најважните и најпознати ремек-дела, создадено кон крајот на 11 век во Англија, кое ги прикажува норманското освојување на Англија во 1066 година и клучната Битка кај Хејстингс. Многу брзо по неговото создавање било преместено во катедралата во Баје, Франција, по нарачка на тогашниот епископ.
Поради стравувањата за безбедноста на кревката таписерија, која била осигурена од британската влада во вредност од 800 милиони фунти, датумот и деталите за нејзиниот транспорт до Лондон беа чувани во тајност до последен момент. Се верува дека ова е првпат таписеријата долга 68 метри да ја напушти Франција по повеќе од 900 години. Но по две пробни патувања со верна копија од таписеријата, операцијата помина непречено.
Уметничкото дело беше сместено во кутија отпорна на удари со контролирана температура за да се заштити деликатниот вез. Камионот што ја носеше таписеријата тргна од северна Франција и пристигна во Британскиот музеј по полноќ. Додека минуваше низ големите врати на задниот дел од празниот музеј, камионот беше пречекан од неколку вработени во музејот и мала група новинари. Директорот на музејот, Николас Кулинан, изјави дека ова е уникатен момент, кога металниот кафез, тежок повеќе од еден тон, беше спуштен од камионот и преместен во музејот.
Иако нејзиното точно потекло е нејасно, генерално се верува дека таписеријата што го прикажува почетокот на инвазијата од страна на норманската војска на Вилијам Први Освојувачот е создадена во Англија пред да биде преместена во Баје.
– Всушност, станува збор за зближување на двете земји со овој неверојатен пример за соработка. Може да се каже дека делото се враќа дома на некој начин. Но тоа навистина ќе се врати дома следната година кога ќе се врати во Баје – рече Кулинан, признавајќи ја улогата на таписеријата како „извонредно уметничко дело на француската култура“.

































