Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека Ива Михајлова нелегално ја напуштила Македонија и влегла во Бугарија, а истрагата треба да утврди како го сторила тоа. Според него, Михајлова последен пат била забележана на територијата на Македонија на 10 октомври вечерта, пренесе МИА.
Тошковски во интервју за „Тема на денот“ на телевизија „Сител“ рече дека е распишана централна и меѓународна потерница, откако Јавното обвинителство побарало определување мерка притвор. Кочанскиот суд ѝ одреди притвор во траење од 30 дена.
Министерот најави дека, доколку бидат исполнети потребните услови, Министерството за внатрешни работи ќе ги активира механизмите за меѓународна соработка.
-Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови права и сè она што значи нормална европска држава, каква што Бугарија тврди дека е – изјави Тошковски.
Тој нагласи дека почитувањето на европските вредности треба да се покаже преку конкретни постапки, а не само преку декларативни изјави.
Според Тошковски, истрагата треба да утврди на кој начин Михајлова ја напуштила земјата. Тој посочи дека, според евиденцијата на граничните контроли, не е регистриран нејзин легален излез од Македонија, ниту легален влез во Бугарија во текот на 2025 година.
-Факт е дека лицето нелегално излегло од Македонија и нелегално влегло во Бугарија – рече министерот, додавајќи дека не сака да навлегува во детали додека истрагата е во тек.
Тошковски се осврна и на прашањето за медицинскиот третман и правото на живот, посочувајќи дека секое лице има право на соодветна медицинска грижа, но дека мора да се обезбеди и правичен судски одговор за случаите во кои има човечки жртви.
-Имаме загинат човек. Тоа е факт што не смее да се занемари, како и прашањето дали семејството на оној што го загубил животот заслужува правда во законита постапка – изјави Тошковски.
Тој ги оспори и тврдењата дека Михајлова легално ја напуштила земјата во присуство на нејзиниот бугарски адвокат. Според него, последниот евидентиран легален влез и излез на адвокатот од Македонија бил минатиот месец, додека МВР, како што рече, располага со материјални докази дека Михајлова на 10 октомври навечер била на територијата на земјата.
Министерот го критикуваше и начинот на кој, според него, бугарските претставници ѝ дале поддршка на Михајлова под образложение за хуманитарен третман. Тој потсети дека и други лица осудени во Македонија пребегнале во Бугарија.
Михајлова е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Претходно ѝ биле определени мерки на претпазливост и ѝ биле одземени патните документи.
Од МВР денеска соопштија дека преку заедничкиот контакт-центар со Бугарија биле извршени проверки и дека бугарската гранична полиција потврдила оти нема евидентиран легален влез на Михајлова на бугарска територија. Според објавите во бугарските медиуми, таа се наоѓа во Софија.

































