Фото: ЕПА

ФОРМУЛА 1

  • Тој има шанса да стане најмлад светски шампион веќе на следната трка

Кими Антонели би можел да стане најмладиот светски шампион во Формула 1 (Ф1) веќе на следната трка, за големата награда на САД, на 25 октомври, пишува „Скај спорт“. Антонели го зголеми своето водство на врвот на шампионатот за возачи на 102 поени, најмногу сезонава, со освојување на 3. место на трката за големата награда на Сингапур, во неделата. Џорџ Расел останува втор во вкупниот пласман, откако го освои 9. место, а Луис Хамилтон, кој беше шести во Сингапур, е трет со 111 поени зад водечкиот. Во Сингапур победи Макс Ферстапен, а втор беше Шарл Леклер.
Сезонава има уште шест трки. Дваесетгодишниот Италијанец е само втора година во Ф1 и е во трка да го престигне рекордот на Себастијан Фетел како најмлад освојувач на титула во тој спорт. Првата шанса да ја освои круната ќе се појави веднаш на следната трка во Остин, пишува „Скај спорт“.
За да ја освои титулата во Остин, Антонели треба да ја зголеми својата предност во шампионатот за 23 бода, а за да се случи тоа, тој на пример мора да победи на следната трка и потоа да се надева дека и Расел и Хамилтон нема да освојат доволно бодови за да останат на 124 бода разлика пред трката потоа, во Мексико. Доколку Антонели ја добие трката, а Расел биде деветти, Антонели ќе има предност од 125 поени пред својот тимски колега, со точно 125 преостанати бода до крајот на сезоната. Тоа би било доволно за Антонели да стане првак, под услов и Хамилтон да не биде меѓу првите четворица, пишува „Скај спорт“.

Тоа е затоа што победата во Остин би била деветта за Италијанецот годинава, а Расел, кој има три победи, би можел да стигне најмногу до осум триумфа сезонава. Според правилата, при ист број бодови предност има возачот со повеќе победи во текот на сезоната. Во трка за титулата остануваат и Макс Ферстапен (119 поени зад Антонели), Шарл Леклер (125 поени) и Ландо Норис (139 поени).
Антонели сега е на чекор до неверојатно историско достигнување, но по трката во Сингапур тој нагласи дека не може да си дозволи тој факт да го одвлече вниманието од неговиот настап во Остин.
– Знам дека е многу блиску, но само треба да се осигурам дека продолжувам да го правам најдоброто што можам. Знаете, начинот на размислување е секогаш ист, да излезам и да победам и да се покажам најдобро што можам. Мислам дека овој викенд во Сингапур не возев баш толку добро. Чувствував дека можев да завршам подобра работа, но уверен сум дека имам една недела за ресетирање и навистина се радувам што ќе се вратам во Остин. Но, на крајот на краиштата, ако не ја завршам добро својата работа, тогаш резултатот нема да дојде. Значи, за да го постигнам она што го сакам, треба да се покажам добро, толку е едноставно – рече тој, пренесе „Скај спорт“. Н.М.