КАРАТЕ – СП 2026 ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ ВО ПОЛСКА

Во Бјeлско Бјала ќе учествуваат 2.022 каратисти од 114 држави

Македонската карате-репрезентација за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) од утре ќе биде дел од Светското првенство (СП) во Бјeлско Бјала (Полска). На овој престижен спортски настан учествуваат 2.022 каратисти од 114 држави. Боите на Македонија ќе ги бранат 31 каратист, предводени од селекторите Петар Белистојаноски и Арлинд Хусеини (до 21 година), Арлинд Хусеини (јуниори), Дејан Ристески (кадети) и Фери Исиќ (ката), придружени од спортскиот директор на КФМ, Гоце Петров.
– Зад секој репрезентативец стојат години систематска работа, безброј тренинзи, одрекувања, лични жртви и верба во сопствените можности. СП не е само борба за медали, тоа е простор каде што се обликува карактерот, се стекнува непроценливо искуство и се испишува нова страница во развојот на карате-спортот во Македонија. На нашите репрезентативци им посакуваме достоинствени и успешни настапи, висока концентрација, храброст, самодоверба и спортска зрелост во секоја борба и со секој настап достоинствено претставување на нашата држава на светската сцена – велат од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ). Г.И