Фото: Маја Јаневска - Илиева

Министерството за економија и труд воведува нов пристап во следењето на трошоците за живот преку пресметка на просечната потрошувачка кошница, која се темели на официјални статистички податоци, реалната потрошувачка на домаќинствата и пазарните цени на производите и услугите.

На денешниот брифинг со медиумите, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја презентираше новата методологија, посочувајќи дека нејзината цел е да обезбеди реална, објективна и транспарентна слика за трошоците на домаќинствата во Северна Македонија.

 – Нашата цел е јасна – да имаме реална и објективна слика за тоа колку трошат домаќинствата. За разлика од проценките што се прават според посакуваните потреби, нашата методологија се базира на податоци за реално остварената потрошувачка, во согласност со меѓународно прифатените статистички класификации – истакна Дурмиши.

Просечната потрошувачка кошница опфаќа 11 категории трошоци, меѓу кои храна и пијалаци, домување, транспорт, здравство, образование, облека и обувки, комуникации, како и други производи и услуги.

За нејзината пресметка се користат податоци од Државниот завод за статистика, цени на производи во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цени на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.

Според пресметките на Министерството, просечната потрошувачка кошница во август 2026 година изнесувала 58.475 денари, што е за 29 денари повеќе во однос на јули. Истовремено, трошоците за храна и пијалаци се намалиле за 255 денари на месечно ниво.

Во споредба со јануари годинава, кога кошницата изнесувала 56.381 денар, августовската вредност е повисока за околу 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.

Различни методологии за пресметка на потрошувачката кошница

Осврнувајќи се на разликите меѓу пресметката на Министерството и синдикалната минимална кошница, Дурмиши нагласи дека станува збор за два различни методолошки пристапа кои не треба директно да се поистоветуваат.

Синдикалната минимална кошница за август изнесува околу 68.676 денари, додека просечната потрошувачка кошница пресметана од Министерството изнесува 58.475 денари.

Според министерот, синдикалната методологија се темели на проценети потреби и вклучува трошоци за алкохол, цигари и кирија, додека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.

Во однос на домувањето, Дурмиши се повика на податоците од Пописот во 2021 година, според кои околу 95 проценти од населението живее во сопствен дом.

Разлики има и кај трошоците за храна и пијалаци. Според пресметката на Министерството, тие во август изнесувале 21.132 денари, додека во синдикалната кошница се проценети на 25.032 денари. Разлики се забележуваат и кај категориите облека и обувки, образование, домување и комуникации.

 – Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката – порача Дурмиши.

Тој додаде дека различните пресметки можат да бидат корисни за јавноста доколку јасно се објасни што покажува секоја од нив и на кои податоци се темели.

 – Ова не значи дека ги оспоруваме потребите на граѓаните. Напротив, сметаме дека јавноста треба да располага со повеќе релевантни податоци, но и да знае што точно покажува секоја пресметка – нагласи министерот.

Министерството за економија и труд и во наредниот период ќе продолжи да ги следи движењата на цените, особено на основните прехранбени производи, и да работи на мерки за заштита на животниот стандард и зајакнување на куповната моќ на граѓаните.

 – За нас е важно економските политики да се темелат на факти, а не на претпоставки. Само со точни и транспарентни податоци можеме да креираме политики што одговараат на реалните економски состојби и потребите на граѓаните – истакна Дурмиши.