Фото: ТАВ Македонија

По повод Светскиот ден на бездомништвото, вработените на ТАВ Македонија и ТАВ Аеродроми подготвија 170 пакети со храна за лицата кои го посетуваат Пунктот за бездомници во Момин Поток, управуван од Црвениот крст на Град Скопје.

Хуманитарната акција беше реализирана преку иницијативата „ТАВ Готви“ на ТАВ Македонија и корпоративната волонтерска програма „Hope On Board“ на ТАВ Аеродроми. Со оваа активност, вработените обезбедија конкретна поддршка за лицата кои се соочуваат со тешки животни околности, испраќајќи порака за солидарност и грижа за ранливите категории граѓани.

Покрај подготовката на пакетите со храна, волонтерите го посветија своето време и ангажман на активноста, потврдувајќи ја важноста на заедничкото дејствување и општествената одговорност.

 – Како аеродромски оператор, нашата улога не е само да поврзуваме дестинации. Подеднакво сме посветени и на придонесот кон благосостојбата на заедниците на кои им служиме. Преку ‘ТАВ Готви’ и во рамките на корпоративната волонтерска програма на ТАВ Аеродроми ‘Hope On Board’, испраќаме порака дека солидарноста, сочувството и грижата можат да помогнат во подобрување на животите и зајакнување на заедниците – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Тој нагласи дека компанијата е горда на продолжената соработка со Црвениот крст и поддршката за корисниците на пунктот во Момин Поток, додавајќи дека заедничките иницијативи можат да придонесат за позитивни промени во заедницата.

Светскиот ден на бездомништвото се одбележува секоја година на 10 октомври, со цел да се привлече вниманието кон предизвиците со кои се соочуваат лицата без дом и потребата од поголема општествена поддршка.

Од ТАВ Македонија посочуваат дека и натаму ќе продолжат со волонтерски иницијативи и партнерства насочени кон поддршка на локалните заедници, поттикнување на социјалната инклузија и промовирање на солидарноста.