Мобилната апликација м.Услуги официјално ќе биде промовирана на 28 октомври во Македонската филхармонија, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, при гостувањето во Дневникот на МРТ1.
На настанот ќе се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе ги претстави насоките и приоритетите на Владата во процесот на дигитализација на државата.
– Промоцијата официјално можам да ја најавам на 28 октомври во Македонската филхармонија. Ќе ја промовираме мобилната апликација м.Услуги, јас ќе ги презентирам изгледот и функционалностите, а претседателот на Владата ќе говори пошироко за тоа каде се движиме во поглед на дигитализацијата – изјави Андоновски.
Според министерот, апликацијата е во завршна фаза на тестирање, а граѓаните ќе можат бесплатно да ја преземат преку Google Play и App Store. За пристап ќе биде потребна најава преку корисничкиот профил на Националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk.
Првично, м.Услуги ќе овозможи пристап до електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и до три услуги за граѓаните. Андоновски нагласи дека користењето на апликацијата ќе биде доброволно, а нејзиното преземање бесплатно.
– Ова ќе биде наш прв чекор кон дигиталниот паричник. Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. Ќе го свртиме фокусот кон тоа државата да биде достапна на мобилниот телефон, односно на дланка – посочи министерот.
Во следните фази се планира проширување на функционалностите. Министерството за дигитална трансформација веќе разговара со Министерството за здравство за интегрирање на податоците од м.Здравје, како и со Министерството за социјална политика, демографија и млади за вклучување на европската младинска картичка.
Целта е апликацијата постепено да прерасне во дигитален паричник преку кој граѓаните ќе можат да чуваат и користат повеќе документи и електронски услуги на едно место.
Во однос на прифаќањето на електронските документи од страна на институциите, Андоновски појасни дека процесот ќе се одвива постепено и ќе бара соодветни законски и подзаконски измени, како и зајакнување на институционалните капацитети. Тој потсети дека за прифаќањето на други електронски документи досега биле направени измени во околу 100 закони.
Министерот посочи и дека Европската Унија предвидува задолжителна употреба на дигиталниот паричник од 2027 година, додека во Македонија користењето на апликацијата нема да биде задолжително. Паралелно, ќе се работи на создавање услови институциите да ги прифаќаат електронските документи.
– Чекор по чекор, како што ќе ги градиме капацитетите, така ќе се проширува и нивното прифаќање – рече Андоновски.
Тој додаде дека досегашните реакции за проектот се позитивни и дека Министерството ќе продолжи да работи на развој на дигитални услуги со кои административните постапки ќе станат подостапни за граѓаните.

































