Херои

Пред нас е светол ден, празник што ги дразни сетилата и нѐ прави горди на едно наше минато, кое се претвори во убаво јаве и ни го трасира патот кон светла иднина. Одамна беше… заборавете… било, па поминало… дојде некое друго време, некои други критериуми за вредност. Арно ама, не се заборава како што не се заборава и календарскиот крвав белег од 11 Октомври, денот кога покажавме гордост, смелост и заби кон сите оние што посегнаа по нашата слобода, нашата славна историја, кон сите оние што посакаа да нѐ испратат во минатото. На тој ден беа нападнати участоците со кои окупаторот сееше страв меѓу народот и започна процесот на кинење на алките од синџирот на ропството.
Мала градска пошта кон крајот на 1942 година. Двајца чиновници, еден сериозен маж по име Перо и неговата сопруга Воцка. Двајцата од Тетово. На нив внимаваат тројца карабинери. Доцна есен, студен октомвриски ден. Младиот шеснаесетгодишен шнајдерски калфа Васил Василевски, синот единец на почитуваниот општински курир Гашо Василевски, еден на пет сестри, смело влетува во канцеларијата на месната пошта и со пиштол во рацете бара да му ги предадат документите со препораки за апсење голем број млади комунисти од Гостивар и од Гостиварско. Мате и Воцка се изненадени бидејќи Гашо и Сава им се блиски пријатели кон кои негувале исклучителна почит. Освен тоа, се работело за голобрадо момче за кое никогаш не би помислиле дека ќе се осмели на еден ваков ризичен потег. Ставајќи си ја главата во торба, младиот Васил ги врзал карабинерите, а Мате и Воцка биле замолени да му ги предадат тајните документи.
– Немој синко, вразуми се – се обидел Мате.
– Еден си на мајка и татко – запнала Воцка. – Што ќе ти е тебе една ваква авантура, која може скапо да те чини!
Но момчето било цврсто решено да ја оствари својата замисла. Еден од италијанските карабинери по име Бадолато го препознал момчето кај кое шиел облеки. И тој се обидел да го одврати од лудата намера, но сѐ си останало по старо. Васил ги прибрал документите и вечерта го прегазил Вардар. Потоа ја побарал врската и заминал во партизани.
Ова е само една од можеби нераскажаните, односно неопишаните случки што ја донесоа слободата за Македонија и нејзиниот народ. Италија во 1943 година капитулира, а Васил гине истата година за време на Февруарскиот поход кај селото Богомила, заедно со уште петмина партизани. Без разлика дали низ текот на нашата историска приказна наречена Македонија некои од именуваните и безимените херои биле нарекувани партизани, антифашисти, демократи, социјалисти или патриоти, сите тие дале свој огромен придонес за да светне факелот на слободата над една малечка држава со големо срце и бескрајна душа. За хероите и нивното херојство нема и не смее да има заборав. Ниту смее да се искривува вистината за сето она за кое се изборија младите суштества положувајќи ги својата неизживеана младост, скусеното детство и неиспиените сокови на животот.

Бидејќи семејството Василевски било обележено како непријател на системот поради испадот на Васил и неговото бегство во партизани, неговите родители и сестрите биле често приведувани. Таа нивна голгота ја прекинал видниот Турчин аџо Муталип, кој собрал делегација од десет еснафи и заедно со нив се упатил во префектурата. Од старешината побарал да престане тортурата на чесните луѓе, велејќи дека ниту еден родител не би посакал неговиот единец да им се придружи на „мангупите“ во шумата. Човечки потег, искрено пријателство, почит и херојство на свој начин. Секој го дал својот придонес за мир и слобода. Се разбира, освен оние на кои ништо не им било свето, освен злосторството и злите намери.
Плоштадот го красеше калдрма изработена од природен градбен материјал во камени коцки, кој претставуваше прекрасна амбиентална и културно–историска вредност во архитектурата. По ослободувањето, повеќето градски плоштади беа поплочени со овие камени коцки, кои немаа смрт. Некои плоштади го наследија тоа од турско, некои од новото време. Оттаму и историската вредност на калдрмата. Дури и кога ќе се простевме од летото, дури и тогаш кога ќе настапеа денови на продолжено лето, дури и кога ќе застудеше, на таа калдрма по која газеле аги, бегови, џандарски службеници и партизани ослободители, на неа своето неприкосновено царство го имаа чистачите на кондури – чевли. Со своите раскошни четки со густи природни влакна, гласно ги повикуваа минувачите да пријдат за да им ги исчистат валканите чевли. Денес повеќе ги нема, односно ги има, но мошне се ретки. И тоа се нашите херои, јунаците на калдрмата. Со нив беше некако весело бидејќи владееше шегата, владееше мајтапот, владееше духот. Сега има сѐ помалку смеа. Луѓето шепотат и мавтаат со рацете.
Кога сме кај духот, не можам а притоа да не ги спомнам големите мајстори и херои на креативните цртежи со текстуална надградба. Во минатото, весниците, особено саботните или неделните (излегуваа секој ден), а потоа и празничните, не можеа да поминат без карикатура на првата страница. Меѓу хероите на карикатурата, која толчеше по срцевината на животот и општествените случувања, по претставниците на власта и воените стратези, по народот со повиен ’рбет и аристократијата, која беше створена од мизеријата на животните приказни, ќе го споменам името на Живко Козар. Да, за мене и мојата генерација, овој почитуван архитект беше и духовен нож за аномалиите во општествениот организам.

И бидејќи бевме една држава со многу помали држави во неа, овде треба да се спомне и Милорад Добриќ со својот курир Фиќо во белградски „Јеж“, познатиот Зухо Зулфиќар Џумхур во белградска „Политика“, а никако не смеат да се заборават ниту Ото Рајсингер со неговите јунаци од „Картонската куќа“ или во светот познатиот Андрија Мауровиќ во „Вјесник у среду“. Сите овие духовни факели и мајстори со поинаков поглед врз светот правеа обиди да го спојат логичното со неверојатното. А во моментот кога логиката ќе го надваса неверојатното, тогаш се случува смеа, искрена, од душа. Карикатуристите се исто така нашите херои без разлика од која провениенција доаѓале. Знам и дека секогаш живееле со своите замисли под покривите на градиштата или мансардите, во влажните подруми или на маргините од општеството. Впрочем, како можеш да насмееш некого ако не ги почувствуваш здивот на јавето и црнилата на животот? Ете, малку за хероите. Секако дека ги има во сите професии, на сите страни од светот. За нив нема граници, туку само флуид низ кој се пробиваат на медиумскиот простор. Време е сите заедно да ја воскреснеме светлината на големиот 11 Октомври и притоа да дадеме скромен херојски придонес кон чествувањето.

Љубомир Јованоски