Јаболкото што го движи светот

Европскиот ден на јаболкото е 20 октомври. Преспа е главниот јаболков регион кај нас, дава повеќе од две третини од производството. Таму деновиве сѐ е во знакот на годинашниот јаболкобер. Почнува традиционално на Крстовден, а трае речиси до Митровден. (Датумите на овие црковни празници побарајте ги сами.) Најголем производител во светот е Кина. Македонија не е меѓу лидерите, го зазема 52-55 место. По консумација е под европскиот просек, податок со кој власта не може да се пофали пред бирократите на ЕУ.
Јаболкото како овошје, на еден или на друг начин, низ легенди и во практика, влијаело врз обликувањето на денешниот свет. Јаболкницата како дрво припаѓа на фамилијата рози, нешто што им дава на легендите дел на романтична симболика.
Да одиме со ред.
Малкумина се оние што не знаат за Адам и Ева, за Еденската градина, за змијата и јаболкото. Според Библијата, првите луѓе Адам и Ева, кои живееле голи во рајот, по волја на Господ, смееле да јадат од секое дрво, забрането им било само јаболкото, кое било во средиштето и важело за дрво на животот. Змијата ја натерала Ева да касне, Ева му дала на Адам, тогаш им се отвориле очите, виделе дека се голи и почнале да распознаваат што е добро, што е зло. И Господ ги казни за стореното дело, ги изгони од рајот и им ја одзеде бесмртноста. За првиот сторен грев преку Ева, Бог ги казни жените со умножување на маките при породувањето и го назначи мажот за господар над неа. Не остана поштеден ниту Адам, кому како маж му одреди со мака и со пот да заработува за да се храни до крајот на животот..
Кога сме кај митовите, еден од најстарите, ако не и најстар, е оној за златното јаболко. На една свадба божицата на кавгата Ерида фрлила златно јаболко со натпис „За најубавата“ пред Зевс, кој требало да избере која е најубава меѓу: Хера, Атина и Афродита. Тој, не сакајќи да се замерува и да направи раздор, решил изборот да го направи Парис. Трите божици дошле кај Парис носејќи го златното јаболко. Тогаш секоја од божиците му понудила по нешто: Хера дека ќе го направи господар на Азија и најбогат човек на светот; Атина дека ќе го направи победник во сите битки, најубав и најпаметен човек на светот; а Афродита му ја понудила Елена, најубавата жена на светот, тогаш жена на спартанскиот крал Менелај.
Парис, избирајќи меѓу власта и славата, меѓу победите и паметта, се решил за женската убавина. Златното јаболко ѝ го доделил на Афродита, а со тоа добил две непријателки, кои ветиле дека ќе ја уништат Троја, а Парис е тројански принц. Парис ја грабнал Елена, тоа ги налутило Спартанците и така започнала десетгодишната Тројанска војна, по што Троја исчезнала од картата на светот. Останала во славните епопеи на Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“, и во холивудските филмови. Останала и фразата за јаболкото на раздорот како синоним за раздор, неслога и конфликт.

Некои од легендите раскажуваат дека Александар Македонски (Велики) барајќи ги местото на изгревот на сонцето и водата на бесмртноста, кога стигнал во Индија, некаде во Средна Азија, нашол некаква сорта јаболка што животот на тамошните свештеници и факири им го продолжувале до 400 години. Оттаму Александар ги испратил во неговата Македонија и елинските земји. Кога завладеал со Персиското Царство, тој и неговите „агрономи“ ја сфатиле користа од одгледувањето на јаболката и почнале да праќаат семиња и садници во плодородните македонски краишта. Од таа почва јаболкото се ширело на север, век по век, низ цела Европа, а од 16 век и преку океаните, првин во Америка, подоцна во Африка и Австралија до Тасманија. Денес има околу 10 илјади сорти јаболка, тоа е при врвот на скалата на најраспространетите овошја во светот.
Во неколку житија на црковнописци се кажува дека со јаболкото се поврзува и името на Свети Климент. Имено, Свети Климент, покрај што ја проповедал Христовата вера и го ширел Евангелието на разбирлив јазик, е оној што ги калемел дивите јаболка за да се прехрани сиромаштијата во Охрид. Освен тоа, има претпоставки дека во Охридско ги засадил првите цреши, најценетите денеска на македонскиот пазар.
Кога се зборува за минатото, позната е и легендата за Вилијам Тел, кој бил принуден со стрела да цели кон својот син, кој на главата имал јаболко, по што е кренат бунт и е основана Швајцарија. Уште попозната е приказната за улогата на јаболкото во создавањето на новиот свет, за генијалното научно откритие на гравитацијата. Наводно, дремејќи под некоја јаболкница, прочуениот шкотски научник Исак Њутн се разбудил со џумка на главата. Му паднало јаболко од дрвото и сфатил дека тоа е работа на Земјината тежа. Најпросто речено: сѐ што ќе се фрли кон небото, земјата си го враќа назад, прост заклучок од кој се извлечени многу сложени теории, кои овозможија денес човекот да лета од Земјата во вселената и жив и здрав да се врати назад.
Во модерниве времиња светот го обележуваат два американски јаболкови симбола. Едниот е метрополата Њујорк, која го викаат и Големото Јаболко. Прекарот не е некакво историско наследство. Тој е од понов датум. Имено, во текот на 1940 година, некој Роберт Емерих напишал мрачна песна наречена „Големото јаболко“. На прославениот новинар Волтер Винчел толку многу му се допаднала песната, што во својот дневник и во етерот на радио секојдневно го нарекувал Њујорк Сити – Големото Јаболко. Наскоро, насловот на мрачната песна станал синоним на големиот град.
Другото е компјутерската компанија „Епл“, чие лого е одгризано јаболко со петелка, симбол што ги насели сите континенти. Го придвижи светот во нови дотогаш невидени насоки. Фирмата од гратчето Купертино во Калифорнија направи револуција во персоналните компјутери, видеоигрите и слично, младите луѓе тоа го знаат најдобро.
Во некои бајки низ светот се раскажува дека оној што јаде јаболко никогаш нема да биде гладен и жеден, ниту ќе чувствува болка, ниту ќе биде болен. Тоа е плод што ја одржува младоста, симбол на постојано обновување. Во библиската „Песна над песните“, која важи за првата и сѐ уште најдобро напишана поема за љубовта, возљубената моли: „освежете ме со јаболка зашто сум болна од љубов“, а возљубениот возвраќа дека „љубовта е силна како смрт, љубомората – лута како пекол“.

Јаболкото колку што е десерт, толку е и лек. Постојат томови книги, брошури, пропагандни упатства за лековитите својства, при што сите докази за богатството со минерали, витамини, антиоксиданти и други корисни состојки се сублимираат само во една реченица позната во цел свет, а која гласи: „Едно јаболко на ден – доктор не ви е потребен“‘. Од друга страна, една стара поговорка вели дека „дно скапано јаболко ќе го згние и цел кош‘‘, што во животот е пандан на поговорката „еден будала што ќе направи сто паметни не можат да го поправат“.
И конечно: она златно јаболко од античката митологија од пред неколку илјади години што го доби епитетот „јаболко на раздорот“ сѐ уште е во „употреба“ на Балканот. Неговата реинкарнација е жива повеќе од век и половина. Оттогаш наваму Македонија го носи товарот на земја што е „јаболко на раздорот“ на Балканот. Изникнато, созреано и фрлено како вкусен и златновреден плод меѓу Бугарија, Грција и Србија „златното јаболко“ што се вика Република Македонија (Северна) дури и денес предизвикува недоразбирања, конфликти и можни војни за присвојување.