фото: Пекселс

Нобеловата награда за физиологија или медицина за 2026 година им е доделена на американскиот научник Карл Дајсерот и на германските истражувачи Петер Хегеман и Георг Нагел за нивните откритија поврзани со јонските канали активирани од светлина и со оптогенетиката.

Добитниците ги објави Нобеловото собрание при Институтот „Каролинска“ во Стокхолм, кое оцени дека тројцата научници ги поставиле темелите на нова ера во невронауката.

Оптогенетиката е метод што им овозможува на научниците со помош на светлина да ја вклучуваат или исклучуваат активноста на точно определени нервни клетки.

На тој начин може многу прецизно да се истражува како одделни групи неврони ги обликуваат сеќавањата, чувствата и однесувањето и како влијаат врз различни телесни функции.

Истражувањата почнале од прашањето како едноклеточната алга хламидомонас успева да се движи кон извор на светлина.

Хегеман и Нагел во почетокот на 2000-тите години го откриле каналродопсинот – протеин на површината на клетката што реагира на светлина.

Кога протеинот ќе се осветли со сина светлина, во него се отвора канал низ кој во клетката навлегуваат наелектризирани јони и создаваат електричен импулс.

Научниците утврдиле дека клетките во кои ќе се внесе овој протеин стануваат чувствителни на светлина.

Дајсерот потоа го внел генот за каналродопсин во нервни клетки на стаорци. Со нивно осветлување со сина светлина успеал да предизвика нервен сигнал, а резултатите од ова откритие ги објавил во 2005 година.

Две години подоцна методот бил успешно применет и во мозокот на живи глувци.

Овој начин на контролирање на нервните сигнали со светлина станал познат како оптогенетика и брзо прераснал во една од најважните алатки на современата невронаука.

Со помош на оптогенетиката научниците успеваат да ги проучуваат нервните кола поврзани со одделни сеќавања, емоции и однесувања, како и со невролошки и психијатриски заболувања.

Методот се истражува и во клиничката медицина, меѓу другото и во обидите за враќање на видот кај лица со оштетен вид.

„Оптогенетиката овозможува мапирање на мозокот на начин за кој некогаш можевме само да сонуваме“, изјави Пер Свенингсон, претседател на Нобеловиот комитет за физиологија или медицина.

Тројцата лауреати ќе го поделат паричниот дел од наградата, кој годинава изнесува 12 милиони шведски круни, односно приближно 1,1 милион евра.

Петер Хегеман работи на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин, а Георг Нагел на Универзитетот во Вирцбург.

Карл Дајсерот е истражувач во Медицинскиот институт „Хауард Хјуз“ и професор на Универзитетот „Стенфорд“.

Со објавувањето на добитниците за физиологија или медицина почна годинашната Нобелова недела. Добитниците на Нобеловата награда за физика ќе бидат објавени утре.