Јован Лазарев, тим-лидер на „Формула студент“
- Третото место во автокрос на натпреварот во Романија за нас не беше само пехар или позиција на табелата. Тоа беше потврда дека трудот на
десетици студенти, непроспиените ноќи и сите проблеми што ги надминавме можат да се претворат во конкретен меѓународен резултат
Јован Лазарев е студент на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и актуелен тим-лидер на „МЕС рејсинг – Маседонијан енџиниринг студентс“, единствен македонски тим во „Формула студент“.
„МЕС рејсинг“ е формиран во ноември 2022 година, кога група студенти, обединети од љубовта кон инженерството, науката и мотоспортот, си поставија навистина амбициозна цел – да го создадат првиот македонски студентски болид според правилата на „Формула студент“ и со него да настапат на меѓународни натпревари.
– Низ годините генерациите се менуваат. Дел од членовите дипломираат, а на нивно место доаѓаат нови студенти, но идејата и целта остануваат исти – да развиваме, да дизајнираме и да произведуваме нови и сè подобри болиди, да постигнуваме резултати и да создадеме континуитет на проектот. Притоа, не го претставуваме само нашиот тим. Го претставуваме УКИМ, но и Македонија, и затоа ни е особено важно да го правиме тоа достоинствено и со резултати што ќе покажат дека и македонските студенти можат рамноправно да се натпреваруваат на меѓународната инженерска сцена – ни изјавува Јован Лазарев.
Зад овој болид што го создадовте стојат тим од студенти, многу работа и амбиција. Како воопшто се роди идејата да направите болид за „Формула студент“?
Идејата е од ноември 2022 година, од една едноставна желба – знаењето што го стекнуваме на факултет да не остане само во книгите и предавалните туку да го преточиме во нешто реално, функционално и наше.
„Формула студент“ ни го овозможува токму тоа. Практично го поминуваме целиот процес на создавање едно тркачко возило – од првичната идеја, инженерските пресметки и симулациите, преку конструирањето и производството, до тестирањето на болидот и неговото излегување на патека.
Но за нас проектот е многу повеќе од создавање автомобил. Зад секој болид стојат различни генерации студенти што учат едни од други и го пренесуваат стекнатото знаење. Затоа нашата цел не е само да создадеме конкурентен болид, туку да создадеме и генерации инженери што ова искуство еден ден ќе го пренесат во македонската и европската индустрија.
Колку време посветено работевте да ја претворите идејата во функционален прототип? Како одеше целиот процес на создавање и работа, со какви предизвици се соочивте?
За првиот болид ни беа потребни околу две години интензивна работа – од дизајнот, пресметките и симулациите, преку производството, па сè до усогласувањето со строгите правила на „Формула студент“. Крајната цел беше да создадеме целосно функционално возило способно да настапи на меѓународен натпревар.
Кај вториот болид веќе го имавме искуството од првиот и значително успеавме да го забрзаме целиот процес. За неговото конструирање и производство беше потребна околу една година, а на проектот работеа меѓу 30 и 40 студенти. Резултатот од таа работа го видовме и на патеката – со овој болид освоивме трето место во дисциплината автокрос на „Формула студент Романија“.
Создавањето на секоја компонента е посебен инженерски процес. Почнуваме со истражување и развивање концепти, потоа следуваат пресметки за оптоварувањата и перформансите што треба да ги исполни компонентата. Потоа се изработуваат 3Д-модели и симулации, се анализираат резултатите и се избира најдоброто решение. Следуваат производството, инженерската документација, вградувањето на компонентата во болидот и, конечно, нејзиното тестирање во реални услови. Предизвици има постојано. Но токму тоа е суштината на инженерството – кога нешто не функционира, да ја пронајдеш причината, да најдеш решение и да продолжиш понатаму.
Кога зборуваме за болидот, од што е погонуван. Како функционира, објасни ни подетално? Кои се предизвиците со кои се соочивте за да најдете баланс меѓу моќноста, тежината и ефикасноста?
Нашиот болид е погонуван од четирицилиндричен бензински мотор со зафатнина од 600 кубни сантиметри, кој потекнува од мотоцикл „јамаха фејзер 600“ и е приспособен за да ги исполнува техничките правила на „Формула студент“.
Еден од најголемите предизвици е тоа што речиси секој систем и секоја компонента ги развиваме специјално за нашиот болид. Немаме готово решение што едноставно можеме да го купиме и да го вградиме. Секој дел треба да го осмислиме, да го пресметаме, да го конструираме, да го произведеме и да го тестираме.
Тука постојано бараме компромис. Сакаме повеќе перформанси, но истовремено мора да ја намалиме тежината. Сакаме максимална ефикасност, но болидот мора да биде сигурен и издржлив. Една промена во одреден систем многу често влијае врз повеќе други системи.
Но токму тоа е најинтересниот дел од „Формула студент“. Нема едно готово и точно решение. Мора да истражуваме, да експериментираме и самите да дојдеме до најдоброто инженерско решение. На тој начин не го развиваме само болидот – се развиваме и ние како инженери.
Во Романија освоивте трето место во автокрос во конкуренција на сериозни студентски инженерски тимови. Кој беше моментот на патеката кога сфативте дека вашиот болид може навистина да направи резултат и да се издвои од конкуренцијата?
„Формула студент Романија“, кој се одржа во Бакау, беше нашиот прв натпревар оваа сезона. Автокрос е една од динамичките дисциплини во која на затворена техничка патека се проверуваат брзината, управливоста, забрзувањето и целокупниот баланс на болидот, но и способноста на тимот да создаде возило што реално функционира под натпреварувачки услови.
Нашата приказна во Романија беше особено драматична затоа што само неколку дена пред заминувањето се соочивме со сериозни проблеми со функционалноста на болидот. Во еден момент целото наше учество беше доведено во прашање.
Но откажувањето не беше опција. Работевме во смени, практично 24 часа на ден, за да го подготвиме болидот. Кога пристигнавме во Романија, работата продолжи со уште поголемо темпо. За само еден ден успеавме да ги поминеме сите неопходни технички проверки и тестирања за болидот да добие дозвола да излезе на патеката. Тогаш веќе знаевме дека сме направиле нешто големо. Кога потоа ги анализиравме перформансите на другите тимови и ги споредивме со можностите на нашиот болид, сфативме дека имаме реална шанса за добар пласман. Третото место во автокрос за нас не беше само пехар или позиција на табелата. Тоа беше потврда дека трудот на десетици студенти, непроспиените ноќи и сите проблеми што ги надминавме можат да се претворат во конкретен меѓународен резултат.
Вие сте тим-лидер, што значи тоа во пракса и како функционирате како тим? Кој е главниот адут што ве донесе до ова ниво на кое сте сега?
Како тим-лидер, мојата главна задача се организацијата и координацијата на целиот тим. Тоа подразбира следење на тековните активности, водење на документацијата, координација меѓу поттимовите, претставување на „МЕС рејсинг“ на различни настани, но и поддршка и насочување на новите членови.

„МЕС рејсинг“ е организиран во седум поттима, секој со свој лидер. Пет се технички – погон, аеродинамика, кинематика и динамика, електроника и шасија – додека другите два се насочени кон маркетинг и обезбедување спонзорства.
Секој член има конкретни задачи и рокови, но на крајот сите системи мора да функционираат како една целина. Истото тоа важи и за луѓето. Мислам дека токму тука се крие нашиот најголем адут – единството, посветеноста и упорноста. Имавме многу моменти кога изгледаше дека нема да успееме. Сепак, секогаш продолжувавме да работиме, да бараме решение и да си помагаме едни на други. За нас, откажувањето не е опција.
По Романија тимот продолжи кон Хрватска и кон нов предизвик. Колку ви значи фактот што македонски студентски проект се појави на меѓународната сцена и им го привлече вниманието на луѓе од автомобилската и од инженерската индустрија? Какви доживувања и искуства собравте таму?
Тоа е огромно искуство и голема одговорност. Романија и Хрватска не беа нашето прво појавување на меѓународната сцена. „МЕС рејсинг“ настапуваше на меѓународни натпревари и со првиот болид, а токму тие искуства многу ни помогнаа при развојот на вториот.
„Формула студент“ не е само трка во класична смисла. На натпреварите се оценува и инженерското знаење што стои зад болидот. Инженери со огромно искуство во автомобилската индустрија и мотоспортот ги анализираат и ги оценуваат нашите решенија. За еден студент е непроценливо да застане пред такви професионалци, да го брани сопственото инженерско решение и директно од нив да добие критика, совет или пофалба.
Истовремено, се поврзуваме со студенти од универзитети од различни земји, разменуваме искуства и идеи и гледаме како тие решаваат слични инженерски проблеми.
Можеби највредното нешто е атмосферата. Се наоѓате меѓу стотици млади луѓе што ја делат истата страст кон инженерството, технологијата и кон мотоспортот. Иако на патеката сме конкуренти, надвор од неа сите сме подготвени да размениме знаење и да си помогнеме. Таквото искуство тешко може да се добие во универзитетска предавална.
Вие не застанувате, постојано сте ангажирани на подобрување на перформансите на вашето возило. На што сте посветени периодов и какви идеи чекаат на ред за да добијат реализација?
Резултатите во Романија и Хрватска за нас не се крајна цел, туку доказ дека се движиме во вистинска насока и дополнителна мотивација да одиме понатаму.
Во моментов работиме на подобрување на постојниот болид, но паралелно веќе го развиваме и нашиот трет болид. Со секоја нова генерација сакаме да направиме чекор повеќе – да бидеме побрзи, посигурни и поконкурентни и да применуваме сè пософистицирани инженерски решенија.
Но имаме и една поголема цел од резултатот на кој било поединечен натпревар. Сакаме „МЕС рејсинг“ да прерасне во долгорочна инженерска платформа на УКИМ, во која една генерација ќе ѝ го пренесува своето знаење на следната.
Сакаме и студентите што ќе дојдат по нас да имаат можност да создаваат свои болиди, да учат преку практична работа и да настапуваат на најголемите студентски инженерски натпревари. А кога на тие патеки, меѓу тимови од универзитети од целиот свет, ќе застане болид создаден од македонски студенти и на него ќе стои името на Македонија – тоа за нас е посебна гордост.
































