ФУДБАЛ
- Клубовите сега можат да добијат неверојатно ниво на детали за играчите низ целиот свет пред тие дури и да се појават како сениори, пишува „Би-би-си“. „Тој скриен бисер речиси и да не постои повеќе во фудбалот. Понекогаш постои, но ретко е. Кога ќе ја направите вашата длабинска анализа и ќе се чувствувате сигурно, повлечете го потегот. Темпото во донесувањето одлуки, исто така, е скриен бисер“, вели Кјаер, технички директор на Митјиланд, познат како еден од најиновативните клубови во Европа поради употребата на аналитика
Најголемите клубови во светот беа свесни за тинејџерската сензација што привлекува внимание кон Универсидад де Чиле, за кого велеа дека е Алексис Санчез на неговата генерација, пишува „Би-би-си“.
– Кога потпишавме со Дарио Осорио, тоа не беше затоа што никој не знаеше за него – изјави за „Би-би-си“ Кристијан Кјаер, технички директор на Митјиланд.
Осорио беше на радарот на голем број англиски, италијански и германски клубови пред да го напушти Сантијаго за да оди во Данска на 19-годишна возраст. Тоа беше внимателно осмислен пат. По три сезони во Скандинавија, крилниот напаѓач летово му се придружи на Кристал Палас на заем со опција за откуп од 24 милиони фунти, што би го направило најскапата продажба во историјата на данската Суперлига. Митјиланд е познат како еден од најиновативните клубови во Европа поради употребата на аналитика, од прекини до ангажирања фудбалери.
– Работиме на двата правца. Имаме субјективно скаутирање, покласично видеоскаутирање, скаутирање во живо, мрежа, луѓе на кои им веруваме во клубот, а и наши партнери. Потоа го имаме скаутирањето со податоци. За Дарио Осорио бевме свесни за него долго пред да го ангажираме – објаснува Кјаер.
Клубовите од Премиер-лигата, без разлика дали купуваат директно од изворот или го следат напредокот на играчи како Осорио, имаат покриено голем дел од талентите во развој во светот.
– Тој скриен бисер речиси и да не постои повеќе во фудбалот. Понекогаш постои, но ретко е – вели Кјаер.
Клубовите сега можат да добијат неверојатно ниво на детали за играчите низ целиот свет пред тие дури и да се појават како сениори.
– Овој период би го сметале за еден од најтрансформативните во идентификувањето и ангажирањето таленти – објаснува Сем Тарнер, раководител на операциите на платформата за скаутирање и развој „Ајбол“, („Eyeball“).
„Ајбол“ е основан пред пет години за да се фокусира на фудбалери претежно на возраст од 13 до 21 година, а го користат повеќе од 60 отсто од клубовите во првите пет лиги во Европа и мнозинството тимови од Премиер-лигата, за пристап до повеќе од 400.000 млади играчи на 42 глобални пазари, од Европа до Африка и Латинска Америка, пишува „Би-би-си“. Крилниот напаѓач Малик Јалкује, нова 20-годишна ѕвезда во Брајтон, беше следен со системот уште од развојот во тимот од Брегот на Слоновата Коска, АСЕЦ Мимозас, исто како и Базумана Туре, кој сега е во Њукасл, пишува „Би-би-си“. Ширината на покриеноста е истакната и од други неодамнешни трансфери.
– Достапноста на податоци и снимки предизвика промена во методологијата. Тоа донесе многу придобивки во однос на ангажирањето базирано на податоци, заштеда на време и пари – вели Тарнер.
„Ајбол“ зема повеќе од 2.000 точки на податоци за секој натпревар, обично од водечки аматерски клубови и елитни академии, кои ги снимаат и ги прикачуваат своите натпревари. Резултатот е огромна база на податоци што им овозможува на аналитичарите да ги следат сите додавања на играчот, на пример, да откријат кој поминал најголемо растојание или едноставно да прашаат „најдете ми играч како Ешли Кол“.
– Секогаш постои ова човечко чувство што никогаш не може да се изгуби. Сакам да мислам дека им помогнавме на скаутите и на тимовите за ангажмани на играчи, ги дополнивме со алатки, податоци, информации за да можат да донесуваат поинформирани одлуки на поконзистентна основа – вели Тарнер.
Податоците, вели Кјаер од Митјиланд, се „исклучително важни затоа што ви даваат објективна алатка на која можете да се потпрете“, дополнето со години искуство во донесување одлуки.
– Не можеме само да го вклучиме компјутерот и тој да ни каже со кого да потпишеме, а потоа ние да одиме да потпишеме. Треба да бидеме сигурни дека се вклопува во нашиот фудбалски клуб. Секако, податоците ни дадоа можности. Потпишуваме млади. Значи, големината на примерокот едноставно ќе биде помала за нас, бидејќи ако чекаме додека не биде доволно голема, на пример Брајтон и Ливерпул и Брентфорд и други ќе го ангажираат играчот пред нас. Можеме да најдеме интересни играчи низ целиот свет. Сакам да бидеме отворени. Ние сме специфични во начинот на кој играме и начинот на кој продаваме. И затоа, треба да ги пронајдеме овие фудбалери што одговараат на тој стил на игра. Кога ќе ја направите вашата длабинска анализа и ќе се чувствувате сигурно, повлечете го потегот. Темпото во донесувањето одлуки, исто така, е скриен бисер – изјави Кјаер. Н.М.
































