Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (36)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Ова е поинаква колумна од оние што ги пишувам за милениците, но не и надвор од нивното влијание врз нашите животи. Животните не се само предмет на нашата грижа. Тие се и огледало на однесувањето, на социјалните односи и на начинот на кој живите суштества организираат заедница. Овој пат не пишувам за миленик, туку за експеримент што одамна престана да биде само приказна за глувци.
1968–1972 година. Џон Б. Калхун. Етологија. „Универзум 25“. Калхун им дал на глувците сè: неограничена храна и вода, безбедност, идеална температура, отсуство на болести и предатори. Нема глад. Нема студ. Нема опасност. Нема борба за ресурсите од кои зависи опстанокот. На почетокот популацијата расте. Потоа започнува распадот. Не снемува храна. Не снемува вода. Се распаѓа однесувањето. Мајките престануваат нормално да се грижат за младите. Репродуктивното однесување се нарушува. Агресијата расте, некои од животните се повлекуваат, а кај некои од мажјаците се појавува однесување што Калхун го нарекува „убавите“ — животни што се занимаваат единствено со сопственото одржување, јадење и средување, но се откажуваат од парењето и од социјалниот живот. Сè им е обезбедено. И токму тогаш исчезнуваат причините да се борат, да се поврзуваат и да создаваат потомство. Популацијата пропаѓа. Не од глад, туку од изобилство.
Ова е точката во која „Универзум 25“ престанува да биде експеримент со глувци и станува жестока лекција за цивилизацијата. Во голем дел од најбогатите и најуредените општества веќе ги гледаме истите категории на проблеми: пад на наталитетот, одложено или напуштено родителство, едночлени домаќинства, осаменост и растечки индивидуализам. Колку повеќе човекот може да живее без другите, толку полесно почнува да ги доживува другите како пречка. Детето бара време. Семејството бара компромис. Родителството бара жртва. Заедницата бара одговорност. А современиот идеал сè повеќе гласи: живеј за себе и никој да не ти го нарушува комфорот. Тоа не е ослободување. Тоа е социјална стерилизација.
Демографската слика не ни дозволува да се преправаме дека проблемот не постои. Македонија старее, младите заминуваат, раѓањата се намалуваат додека бројката на миленици расте, а родителството се поместува кон подоцнежни години. И додека државата зборува за демографија како за табела со бројки, вистинското прашање е многу понепријатно. Каква иднина им нудиме на луѓето ако иднината постојано ја одложуваме додека не станеме доволно безбедни, доволно богати, доволно комотни и доволно „спремни“? Човекот никогаш нема да биде доволно спремен за дете. Нема совршен стан. Нема совршена плата. Нема совршена кариера. Нема совршен момент. Тоа се приказни со кои модерниот човек си го купува времето додека времето му поминува. И тука е најопасната промена: кога удобноста ќе стане повисока вредност од продолжувањето на животот, потомството престанува да биде природна цел и станува пречка пред личниот комфор. Тогаш проблемот повеќе не е дали имаме доволно. Проблемот е што сакаме да немаме потреба од никого.

Нуклеарната војна може да уништи милиони луѓе. Вештачката интелигенција може да донесе огромни ризици. Но тука непријателот се идентификува надвор од нас. Изобилството е многу поперфидно. Тоа е удобност, избор, приватност, забава и чувство дека конечно сме ослободени од сите обврски што животот им ги наметнувал на претходните генерации. Внатре во нас во изобилството, тивко, исчезнува желбата за потомство, трпението за другиот, подготвеноста на жртва, исчезнува и заедницата, а останува само индивидуата. Добро нахранета, безбедна, негувана, прошетана, забавувана и … сама. „Убавите“.
Токму затоа етологијата не смее да биде маргинална наука во Македонија. Таа е наука за однесувањето – за социјалните односи, комуникацијата, репродуктивното однесување, стресот, адаптацијата и односот меѓу живото суштество и средината. И не, секој проблем во кој има животно не е ветеринарен проблем. Ветеринарот лекува болест. Етологот го проучува однесувањето. Мешањето на двете области е исто како секој проблем со човек да го прогласиме за медицински проблем. Етологијата е сериозна наука. Карл фон Фриш, Конрад Лоренц и Николаас Тинберген добија Нобелова награда за физиологија и медицина во 1973 година за откритијата поврзани со индивидуалните и социјалните обрасци на однесување. А Македонија има нешто што би требало да го памети: во Охрид во 2022 година се одржа 55. конгрес на Меѓународното друштво за применета етологија, со околу 350 учесници од целиот свет. Светската етологија дојде во Охрид. Ние едвај забележавме. А во земја со толку многу бездомни животни, синантропни популации, напуштање, конфликти човек–животно и сериозни проблеми со благосостојбата, науката што треба да помогне да ги разбереме тие појави речиси и не постои во јавниот дискурс. Тоа е нашиот парадокс: имаме знаење, но не знаеме да го користиме. Имаме научници, но не ги бараме. Имаме проблеми со однесувањето, но бараме само медицина.
И можеби затоа „Универзум 25“ толку силно удира во денешниот човек. Не затоа што глувците ни ја предвидуваат иднината. Туку затоа што ни покажуваат нешто што не сакаме да го признаеме: животот не се одржува само со тоа што му обезбедуваш услови. Животот, од едноклеточен организам, па сè до човекот, се одржува со причината да продолжиш: размножувањето. Неговиот крај е и крај на животот. Кога ќе му обезбедиме на човекот сè, а ќе му ја отстраниме причината да му треба некој друг, тогаш не сме ја победиле борбата за опстанок.
Сме ја укинале.
Илија Петковски
































