Заврши годинашниот „Букстар“

Со годинашното издание „Букстар“ продолжува да го физиономира Скопје како место за средба на европската и македонската литература. Во фокусот беа различните начини на кои книжевноста ја преиспитува слободата – од личното искуство и меморијата, преку историјата и општеството, до технологијата и иднината. Фестивалот се одржа под мотото „Чуму слобода“.
Вечерната програма на вториот ден започна со гостувањата на Лилјана Коробка и Мартина Видаиќ во поткастот „Антологџии“ на Душко Крстевски. Еден од највозбудливте делови беше моментот кога авторката Лилјана Коробка излезе на сцената и се обрати на македонски јазик, а потоа се потруди пред присутните да прочита извадок од преводот на нејзиниот роман „Крајот на патот“, кој го прочита на македонски јазик, иако не го зборува. Претходно странските гости беа дел од настанот „Кога писател шета писатели“, во чии рамки писателот Васко Марковски ги поведе на прошетка за културолошко запознавање на Скопје. Гостите имаа можност да прошетаат и да се запознаат со знаменитостите и историјата на улицата Македонија, централниот плоштад, Старата чаршија, црквата „Свети Спас“ итн. Потоа следуваа два книжевни разговори, првиот со Лилјана Коробка и Саша Бронвасер, насловен: „Како да (не) се раскажува историјата?“. Настанот го модерираше Александар Маџаровски, а двете гостинки зборуваа за тоа како историјата, траумата и меморијата влијаат врз пишувањето на книжевните дела.
Лилјана Коробка даде посебен осврт на тоа како нејзиното детство во Советскиот Сојуз и нејзината научна работа во архивите и истражувањето на цензурата за време на СССР влијаеле во пишувањето на нејзиниот роман „Слушај“, додека, пак, Саша Бронвасер појасни како нејзините лични сеќавања од животот во Париз во периодот на 1980-тите години ѝ помогнале во креирањето на приказната во романот „Слушај“.
Мартина Видаиќ и Јап Робен, со модераторот Владимир Јанковски, разговараа за загубата, сеќавањето и невидливите животи. Мошне интересен разговор, во кој авторите се осврнаа на процесот на пишувањето на нивните романи „Дрвеници“ и „Светлината на самракот“.
Јап Робен даде интересен осврт за тоа како меморијата и сеќавањата влијаат врз нашите животи, но и врз формулирањето на нашиот идентитет како личности.
– Меморијата е како мало парче стакло што го носиме во нашите чевли. Ако ја поткренеме ногата, можеме да чекориме, но ако газиме цврсто, чувствуваме болка. Затоа се учиме да одиме со поткрената нога и да не газиме на тоа парче стакло. Но со текот на времето чувствуваме дека поради тоа почнува да нè боли коленото, па колкот, грбот итн. И сето тоа се случува поради тоа мало парче стакло во нашите чевли… – рече тој пред присутните.
По секој од разговорите авторите потпишуваа книги за присутните гости.
Последниот фестивалски ден започна со книжевниот настан „Марџан Сатрапи со адреса во Скопје: Обид за мал омаж“, во кој учествуваа Никола Гелевски, Владимир Битољану, Катерина Шекутковска и Жарко Кујунџиски, со модерација на Ивица Дукоски. Следуваше средбата со светски познатата писателка Гузел Јахина, авторка на романите што го освоија книжевниот свет – „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“ и „Возот до Самарканд“, во разговор со Емил Ниами. Фестивалската програма заврши со дебатата „Бестселерот (не) може да биде голема литература“, во кој во два, навидум спротивставени, тима дебатираа: Зоран Спасов-Ѕоф, Јован Илиески и Сузана Камберова, од една, и Петар Андоновски, Дијана Петрова и Снежана Стојчевска, од друга страна. Модератор беше Александра Јуруковска.
Досега на „Букстар“ учествувале најголемите писателски имиња на денешнината: Јела Кречич-Жижек, Јуси Адлер-Олсен, Славенка Дракулиќ, Михал Вивег, Кадер Абдолах, Евгениј Водолазкин, Марко Шелиќ Марчело, Николо Аманити, Софија Лундберј, Ирса Сигрдардотир, Сјон, Светлана Алексиевич, Игор Штикс, Кристина Гавран, Наџат ел Хачми, Миљенко Јерговиќ, Стефан Хертманс, Кристијан Новак, Јон Калман Стефансон, Здравка Евтимова, Жозе Луиш Пејшото, Ахмет Умит, Леа Ипи и многу други автори од речиси сите европски држави, како и стотина македонски автори. В.Д.