Фото: Официјален фејсбук профил на папата

Папата Лав 16 ја потврди својата посветеност сексуалните злоупотреби во Католичката црква да не се повторуваат, откако вчера во францускиот град Лурд се сретна со седум жртви.

На одделните приватни средби папата ги слушнал нивните сведоштва за претрпените болка и страдање, како и предлозите за спречување нови злоупотреби, соопшти Ватикан.

– Папата им се заблагодари за нивните болни сведоштва и ја потврди својата посветеност злото што го претрпеле да не им се случи на други – соопшти прес-службата на Ватикан.

Лав XIV изразил блискост со присутните, но и со сите што претрпеле или сè уште ги чувствуваат последиците од сексуалните злоупотреби.

Претходно, на миса на отворено во Лурд, на која присуствуваа околу 150.000 луѓе, папата повика Католичката црква храбро и понизно да се соочи со „длабоките рани, неверствата и болните грешки“ во нејзините редови.

Една од жртвите што присуствувале на средбата, Вероник Гарние, изјави дека верува оти постои надеж за промени, но оти очекува вистинско и длабоко сослушување на жртвите, проследено со конкретни постапки.

Сексуалните злоупотреби во Католичката црква во Франција биле прикривани со децении. Независна истражна комисија во 2021 година процени дека од 1950 до 2020 година околу 216.000 малолетници биле злоупотребени од свештеници и монашки лица. Бројката се зголемува на околу 330.000 кога ќе се вклучат и злоупотребите од други лица поврзани со Католичката црква.

Лурд беше втората станица од четиридневната посета на папата на Франција, по Париз. Лав XIV денеска патува во Мец, во близина на француско-германската граница, каде што треба да одржи говор посветен на мирот и европското единство.