Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 42-годишна вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, поради основано сомнение дека сторила кривично дело „Примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, осомничената, во својство на службено лице – инспектор за храна, во периодот од 17 до 25 септември побарала и примила 250 евра од управител на правно лице.
Парите, според наводите на ЈО, ги побарала за да изготви записник во кој ќе констатира дека извршила инспекциски надзор и дека при работењето на објектот не биле утврдени неправилности, односно дека се почитувале сите потребни процедури.
Поради опасност од бегство, можност осомничената да влијае врз оштетениот и неговиот исказ, како и ризикот од повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
Од Обвинителството дополнуваат дека истрагата продолжува.
































