Годинашното, осмо по ред издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври на две локации – „Котур – кафе и филм“ и Домот на АРМ. Филмската програма е поделена на интернационална и национална официјална селекција, која има седум скопски премиери на македонски кратки филмови, како и интернационална и национална студентска селекција, кои се натпреваруваат за награда во своите категории, и три специјални проекции на кратки филмови на членови на тимот на „Ѕирни“.
Официјалната селекција се натпреварува за наградата „Данчо Чеврески“, како и за наградата за најдобар филм според публиката. Студентската селекција се натпреварува за најдобар студентски филм, а вкупно 14 филма од целосната филмска програма се во трката за најдобар филм според публиката. Покрај кратките филмови, во соработка со „Македокс“ ќе биде прикажан и еден долгометражен документарен филм, „Југо оди во Америка“, како и театарската претстава „Казабалкан“, во режија на Дамјан Костовски, по сценарио на Горан Стефановски. Претставата зборува за индивидуата во време на војна каде што љубовта и основниот инстинкт за преживување го мотивираат човекот да поверува во чуда.
Годинашното жири што одлучува за најдобар филм во официјалната селекција е во состав: Василис Терзополус – главен програмер на интернационалната селекција на филмскиот фестивал за краток филм „Драма“ од Грција, Сара Климоска – актерка и режисерка, Дарко Набаков – актер, историчар на уметност и извршен директор на фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“. Во жирито што ќе одлучува за најдобар филм во студентската селекција се: Тамара Ристоска, актерка, Атанас Велкоски, снимател и коселектор на кратка програма на ИФФК „Браќа Манаки“, и Игор Христов, режисер.
Придружната едукативна програма е распределена во текот на сите фестивалски денови, со тоа што ќе започне со мастерклас на директорот на фотографија Самир Карахода, каде што публиката ќе има шанса да ги гледа неговите кратки филмови „Помеѓу“, „Дисплејсед“ и „На пат“. Потоа ќе се одржи работилница за глума пред камера и кастинг со Сара Климоска, како и панел-дискусија на темата „Жените што ги прават филмовитe реалност“, со продуцентките Ивана Шекуткоска, Сара Ферро и Марија Димитрова. Понатаму, панел-дискусија на темата „Улогата на фестивалите во креативното патешествие на краткиот филм“, со Марија Апчевска и Атанас Велкоски од „Браќа Манаки“, Петрула Велјановска од „Македокс“ и Василис Терзополус од фестивалот „Драма“. Едукативната програма ќе се заокружи со традиционалниот 48-часовен филмски предизвик предводен од Игор Христов и предавачите: Тамара Ристоска, актерка, Атанас Велкоски, снимател, и Радован Петровиќ, режисер и монтажер. Музичката програма годинава има седум диџеј-сета, меѓу кои Бојан Јанев, Андреа Салпе, Еми Ермилова, Давид Николовски, Андреј Влашки и Диџеј Чваре, Боле и Дабл Џи, како и пет концерти.
Во рамките на придружната програма ќе се отворат и две изложби. „Со сите наши чворови“ на Крстo Глигоријадис, курирана од Наде Циева, се надоврзува на делото „Распарчено тело“ на Глигорјадис, со тоа што ги материјализира метафизичката и телесна траума преку визуелно и тактично доживување. Овие дела ја отсликуваат релацијата на телото со духот во потполност, прикажувајќи ја нивната спона, како и резултатот на нивното отуѓување. „Во воздух“ е групна изложба на студентите од ФЛУ, во соработка со арт-платформата „Пионери“. В.Д.