Книжевно-уметнички настан се одржа во галеријата „Метаноја“ на кој беше промовирана книгата „Создавањето на златниот свет“ од Коста Милков, а потоа се отвори изложба на илустрации од книгата на Владимир Илиевски. Настанот го отвори директорката на „Метаноја“, Нада Милкова, која е наедно и уредничка на книгата и од која потекна идејната визија и за претходниот и за овој роман за деца.
– „Златен свет“ е романескна парабола за борбата помеѓу доброто и злото, која во себе собира многу знаења од различни области и пак останува место за топла универзална приказна и за мали и за големи… Алузиите и предлошките за настанувањето на светот… ја раслојуваат приказната на повеќе нивоа, па секој потенцијален читател може да одбере слој по сопствена мера – рече за книгата Оливера Ќорверзировска.































