Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола (во средина), заедно со Урсула фон дер Лајен и Марк Карни / Фото: ЕПА

СОЗДАВАЊЕ НОВА ГЕОПОЛИТИЧКА АРХИТЕКТУРА И ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ЕУ ИНТЕГРИРАНА СО КАНАДА

  • Зближувањето на ЕУ со нови стратешки партнери како што е Канада отвора простор за внатрешно зајакнување на ЕУ преку соработка што би овозможила економска и енергетска безбедност, односно безбедносна и технолошката независност. Но истовремено дава и одговор дека проширувањето кон Западен Балкан во скоро време нема да биде еден од приоритетите на Брисел, затоа што „енергијата за билдање на
    европскиот институционален капацитет ќе дојде од посилни земји, како Канада“, додека „земјите кандидатки за ЕУ од Западен Балкан,
    како и Украина, Молдавија, Грузија…, повеќе ќе ѝ ја апсорбираат енергијата на ЕУ и со нив преструктурирањето ќе стагнира “…

Идејата за создавање нова форма на стратешка поврзаност со земји надвор од Европската Унија, по повод предлогот за „придружно членство“ на Канада, отвора поширока дискусија за иднината на европскиот блок додека Брисел се насочува кон внатрешно консолидирање и градење мрежа од стратешки партнери. Предлогот за „придружно членство“ на Канада, кој го поддржа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, доаѓа во момент кога ЕУ настојува да ги зајакне своите капацитети во одбраната, технологијата, енергетиката, критичните суровини и економската безбедност. Оттука, оваа иницијатива станува повод за пошироко преиспитување на начинот на кој Унијата ја гради својата стратегија на преструктуирање и ги дефинира односите со своите партнери, но и за прашањето дали новите форми на интеграција можат да влијаат врз европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

На либерален Брисел му треба силен сојузник, а не институционално сѐ уште нејаки држави

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поддржа предлогот Канада да стане првата „придружна членка“ на Европската Унија, при што завчера во Европскиот парламент изјави дека сака да работи на „отворање на вратата“ за Канада, што би подразбирало поблиски врски во различни клучни сектори.
– Партнерствата се стратешки избор за Европа. Но тие исто така се одговор на пукнатините во меѓународниот систем заснован на правила – порача Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен во својот говор за состојбата на Унијата изјави дека европскиот блок и Канада „го гледаат светот со исти очи“ во однос на повеќе теми. Шефицата на европската влада не даде конкретни детали за тоа како би функционирало евентуалното членство на Канада, но ги наведе производството, технологијата, вештачката интелигенција, одбраната, енергетиката, критичните минерали и економската безбедност како клучни области за соработка.
Придружувањето на Канада би можело да ја зајакне ЕУ со тоа што би овозможило продлабочување на европските капацитети во одбраната, енергијата, критичните суровини, технологијата и трговијата, истовремено создавајќи нов модел на флексибилна интеграција со партнери надвор од Унијата.

Внатрешно зајакнување на ЕУ преку соработка во стратешки важни сектори

Поблиската соработка со Канада може да придонесе кон развој на заеднички одбранбени проекти, набавки, производство и технолошка соработка. Канада располага со значителни воени и индустриски капацитети и е долгогодишен партнер на европските држави во рамките на НАТО. Нејзиното подлабоко поврзување со европските одбранбени структури би можело да помогне во создавањето поширока индустриска и безбедносна база. За самата ЕУ, придобивката би била и внатрешна: поголемата соработка меѓу европските држави и Канада може да поттикне координација меѓу земјите членки и развој на европската индустрија за оружје.
Европската економија зависи од сигурен пристап до суровини неопходни за батерии, електроника, обновлива енергија, автомобилската индустрија и одбранбената технологија. А токму Канада располага со значителни природни ресурси и претставува потенцијален стабилен партнер за европските синџири на снабдување. Продлабочувањето на соработката може да ѝ овозможи на ЕУ да ја диверзифицира набавката на критични суровини и да ја намали зависноста од ограничен број надворешни снабдувачи. Во услови на геополитички кризи, сигурноста на снабдувањето станува дел од националната и европската безбедност. Затоа партнерството со Канада може да придонесе за поголема отпорност на европската економија.
Самото присуство на канадскиот премиер Марк Карни за време на обраќањето на Фон дер Лајен во Стразбур, како и неговото поздравување на иницијативите на ЕУ за слободна трговија, регулација на технологијата и одбраната, придонесе ЕУ на глобално ниво да изгледа попривлечно отколку што понекогаш се чини.
Потесната соработка на ЕУ со Канада и други земји со слични ставови, како што се Индија, Јапонија, Австралија и Нов Зеланд, може да го засили глобалното влијание на европскиот блок и да помогне во градењето сојузи за отворена трговија заснована на правила и за снабдување со критични суровини.

Проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот оди во втор план

Меѓу дел од политичките аналитичари се јавува размислувањето дека постои ризик предлогот за придружено членство на Канада кон ЕУ политички да го засени проширувањето на Унијата, со што приемот на Западен Балкан ќе биде ставен во втор план како официјална политика на Брисел, иако станува збор за два засебни процеса.
Предлогот на ЕУ за зближување со Канада се смета за политички атрактивен затоа што е потентен за либерален Брисел, а е нов, брз и стратешки компатибилно ориентиран за сегашните бриселски елити, во контекст на нивниот концепт за движење на ЕУ. Спротивно на тоа, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан е долг, условен и реформски процес, во кој ЕУ ќе загуби многу енергија, финансии, време и други ресурси, со што ќе го забави својот развој. Токму затоа и се создава впечаток дека Канада добива нова и привилегирана форма на интеграција, додека земјите кандидати во процесот на проширување на ЕУ со децении чекаат на полноправно членство.

Влошувањето на односите со САД е уште еден фактор што ги зближи ЕУ и Канада

Извесно е дека затегнатите односи на ЕУ и на Канада со традиционалниот сојузник САД придонеле за склучување на нивното сојузништво. Односите помеѓу Канада и САД се влошени поради меѓусебниот трговски спор откако минатиот месец пропаднаа трговските преговори меѓу двете држави, што доведе до низа нови царински мерки. Повторените изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за претворање на Канада во „51. сојузна држава на САД“ исто така придонесоа за разгорување на спорот меѓу северноамериканските соседи. Трансатлантските односи меѓу ЕУ и САД истовремено се соочуваат со сериозни тензии предизвикани од трговски спорови, несогласувања во областа на одбраната и промени во геополитичките стратегии. Трамп се закани дека ќе ја прекине трговијата со ЕУ како одговор на предлогот за придружно членство на Канада.
Се смета дека Фон дер Лајен и другите европски лидери најдоа сигурен сојузник во канадскиот премиер Марк Карни додека ЕУ и Канада се справуваат со слични проблеми. Тие особено се соочија со агресивната употреба на царини од страна на Трамп и со неговата закана за анексија на Гренланд, кој е суверена територија на Данска, земја членка на ЕУ. Р.С.


Допрва претстои разработување на процесот на „придружно членство“

Предлогот за сојузништво со Канада отвора прашање дали ЕУ може да ги надмине традиционалните граници меѓу полноправното членство и класичното партнерство и да создаде нова форма на стратешка интеграција.
Згора, десет од 27 земји членки на европскиот блок сè уште го немаат ратификувано договорот за слободна трговија склучен со Отава пред речиси една деценија, а некои европски национални влади би претпочитале да ги надградат постојните договори за одбрана и трговија наместо да создаваат нова форма на членство за Канада.
„Придружно членство“ моментално не постои во ЕУ. Брисел и Отава планираат да ги продолжат разговорите за понатамошна соработка, меѓу другото, на претстојниот самит ЕУ-Канада закажан за 29-30 октомври во Монтреал, Канада. Р.С.