Македонските шахисти и шахистки во Самарканд

ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО САМАРКАНД, ПРВО КОЛО

  • Машката селекција славеше на мечот со Кајмански Острови, а женската на дуелот со Сент Винсент и Гренадини

Македонската машка и женска репрезентација победија во првото коло на 46. Шаховска олимпијада (ШО), во Самарканд (Узбекистан), со максимални победи од 4-0. Шахистите (рангирани 56-ти пред почетокот, меѓу 206 селекции) ги победија Кајманските Острови (рангирани 159.), а шахистките (рангирани 75. од 190) ја совладаа селекцијата на Сент Винсент и Гренадини.
Во второто коло, македонските шахисти вчера играа против силната Холандија (рангирана шеста), која во првото коло го совлада Хонгконг (рангиран 108.) со 3-1. Во 1. коло дури 73 селекции остварија победа со 4-0, а Македонија е моментно на 39. место со два бода. Во второто коло, Македонките вчера играа со Аргентина (рангирана 28.), која во 1. коло славеше со 4-0 на дуелот со Намибија (рангирана 122.). Вкупно 85 селекции забележаа максимални победи, а Македонија е моментно на 67. место со два бода.
Македонија – Кајмански Острови 4-0: ИМ Емил Ристевски (2.426) – Рајан Блеквуд (1.937) 1-0, ФМ Антон Златков (2.422) – Мајк Мекдоналд (1.892) 1-0, ИМ Тони Лазов (2.394) – Кристофер Јанг (1.824) 1-0 и ИМ Филип Панчевски (2.422) – Шон Трејси (1.767) 1-0. Одмораше ИМ Никола Николовски (2.393), кој е пријавен како резерва во составот на ШО.
Сент Винсент и Гренадини – Македонија 0-4: Ронија Дарам-Балкомб (1.601) – ЖФМ Моника Жежовска (1.990) 0-1, Стејси Баптист-Кинг – ЖФМ Ивана Манова (1.958) 0-1, Молиса Франсита Ештон – Сања Трајковска (1.896) 0-1, Казене Пјер – Катерина Петровска (1.896) 0-1. Одмораше првата репрезентативна табла, ЖФМ Моника Стојковска (2.080). Г.И.