ЏУДО – УТРЕ ПОЧНУВА ЕВРОПСКИОТ КУП ЗА СЕНИОРИ „СКОПЈЕ 2026“
- Се работи за еден од најмасовните и најквалитетни ЕЏУ-купови за сениори, каде што ќе учествуваат силни репрезентации и квалитетни џудисти. Се
очекува да бидат присутни претседателот на ЕЏУ, Ласло Тот, високи гости и претставници од дипломатскиот кор, односно неколку амбасадори во нашата држава, а официјално натпреварувањето треба да го отвори министерот за спорт Борко Ристовски, вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски
Подготовките за Европскиот куп за сениори „Скопје 2026“ засега течат со полна пареа. Тимот за логистика на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) веќе работи на подготовка на главната сала каде што ќе се одвиваат борбите и на помошната сала, каде што ќе бидат загревањето и целиот протокол за влез и за излез од СЦ „Јане Сандански“. Сите подготовки се одвиваат во согласност со стандардите и побарувањата на Европската џудо-унија (ЕЏУ), од чија страна денеска треба да помине ЕЏУ-тимот за инспекција и контрола и да види дали се исполнети сите услови, изјави спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија, Дејан Мицкоски.
Утре почнува Европскиот куп во џудо за сениори „Скопје 2026“, кој ќе се одржува два дена, сабота и недела. Засега е потврдено учеството на 439 џудисти од 42 држави од четири континенти.
Борбите ќе се одржуваат во салата „Јане Сандански“, двата дена од 9 до 19 часот, а влезот во салата е бесплатен. Бројки што се уште една потврда дека светската џудо-елита го препознава Скопје како сериозен и квалитетен организатор и домаќин.
Во прилог на тоа зборува и фактот дека на минатиот Европски куп за јуниори, одржан во август годинава, во Скопје, беа пријавени околу 300 натпреварувачи.
– Во тек е пристигнување на дел од репрезентациите-учесници на овој Европски куп за сениори, а во согласност со пропозициите сите треба да пристигнат денеска заклучно до 15 часот. Нашите репрезентативци пристигнуваат исто така денеска, кога се предвидени акредитација и координативен состанок на ниво репрезентација-селектор-спортски директор, по што ќе се одржи и заеднички тренинг пред борбите што ги очекуваат за викендот, дел в сабота и дел в недела. Нашата репрезентација ја предводи селекторот Горан Мицкоски со помош на координаторот и спортски директор на Џудо-федерацијата на Македонија, кој ќе биде вклучен директно во стручната помош – вели Дејан Мицкоски.
Свеченото отворање на Европскиот куп е утре, од 16 часот, за кога е потврдено доаѓањето на првите луѓе на европското џудо, како и на високи гости, претставници на земјите учеснички. Европскиот куп го носи името бидејќи се одвива на територијата на Европа, а право на настап имаат џудисти од сите континенти.
– Ова е голем предизвик за нашата федерација, не само на организациски туку и на стручен план, бидејќи се работи за еден од најмасовните и најквалитетни ЕЏУ-купови за сениори, каде што ќе учествуваат силни репрезентации и квалитетни џудисти. Се очекува да бидат присутни претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот, високи гости и претставници од дипломатскиот кор, односно неколку амбасадори во нашата држава, а официјално натпреварувањето треба да го отвори министерот за спорт Борко Ристовски – вели спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија, Мицкоски.
На Европскиот куп ќе настапат 42 репрезентации, а боите на Македонија ќе ги бранат една џудистка и 11 џудисти, и тоа Ива Богдановска (категорија до 63 кг), Сергеј Димитриоски (до 66 кг), Горјан Јорданоски (до 66 кг), Никола Магдески (до 73 кг), Андреј Симоноски (до 81 кг), Еди Шерифовски (до 81 кг), Андреј Чакаровски (до 90 кг), Никола Петров (до 90 кг), Никола Павловски (до 100 кг), Стефан Талески (до 100 кг), Душко Јовески (над 100 кг), Омар Факиќ (над 100 кг). Г.И.
MАКЕДОНИЈА, СОСТАВ
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ КАТЕГОРИЈА
Ива Богдановска до 63 кг
Сергеј Димитриоски до 66 кг
Горјан Јорданоски до 66 кг
Никола Магдески до 73 кг
Андреј Симоноски до 81 кг
Еди Шерифовски до 81 кг
Андреј Чакаровски до 90 кг
Никола Петров до 90 кг
Никола Павловски до 100 кг
Стефан Талески до 100 кг
Душко Јовески над 100 кг
Омар Факиќ над 100 кг































