Повод: Јавна осуда на Централниот совет на Македонците во Германија за најновите историско-ревизионистички и шовинистички парламентарни иницијативи на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов од 11 септември 2026 година
- Македонската дијаспора повторно влегува директно во европската дебата. Таа бара македонскиот јазик да не биде предмет на политичко условување, а преговарачката рамка да се ослободи од идентитетските прашања
Од Берлин до Брисел, а оттаму и кон Софија и Скопје, повторно се отвора едно прашање што во изминатите години ја следи Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Имено, каде завршуваат легитимните барања за добрососедство, а каде почнува политичкото условување со прашања за јазикот, историјата и националниот идентитет?
Овој пат одговорот не доаѓа од македонските институции во Скопје, туку од германската дијаспора. Централниот совет на Македонците во Германија, со седиште во Берлин, во 2026 година го засили политичкиот и правниот ангажман околу европската интеграција на Македонија.
Деновиве Централниот совет на Македонците во Германија најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. За потсетување, во април годинава Централниот совет на Македонците во Германија испрати писмо до највисоки германски и европски функционери, а во мај објави дека поднел формална жалба до Европската комисија поради, како што наведува, повреди на основните принципи на правото на ЕУ во контекст на бугарските услови за продолжување на пристапниот пат. Тоа е важна промена во начинот на кој македонското прашање се артикулира во Европа. Дијаспората повеќе не се обидува само да влијае врз политичарите во Скопје или да испраќа пораки до германската јавност, таа се обидува да влезе директно во институционалниот механизам на ЕУ.
Од политички спор до правно прашање
Централниот совет во своите документи го поставува клучното прашање на овој начин: Дали една земја членка на ЕУ може своето право на блокада во процесот на проширување да го користи за наметнување прашања поврзани со идентитетот, јазикот и историјата на земја кандидат?
Централниот совет на Македонците во Германија смета дека одговорот треба да биде негативен. Во фокусот е протоколот од втората заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија од 17 јули 2022 година. Според позицијата на Централниот совет, преку поврзувањето на овој документ со европската преговарачка рамка, билатералните прашања добиле поширока европска политичка тежина. Официјалната европска документација потврдува дека на 18 јули 2022 година Советот на ЕУ ја одобрил преговарачката рамка за Македонија, а на 19 јули формално беше отворена првата фаза од пристапните преговори. Но токму тука настанува парадоксот. Преговорите формално се отворени, но суштинската фаза, односно отворањето на кластерите, остана условена од исполнувањето на договорените услови, меѓу кои и уставните измени поврзани со внесувањето на бугарската заедница. Во своето писмо Централниот совет оценува дека Македонија така се нашла во ситуација во која формално има отворен пристапен процес, но практично не може да продолжи кон суштинските преговарачки фази.

Кои се барањата на Македонците од Германија?
Барањата на Централниот совет на Македонците во Германија се значително пошироки од обичен политички апел. Преземените конкретни политички и дипломатски чекори се:
1. Централниот совет на Македонците во Германија нема мирно да ги набљудува овие напади. Реагиравме веднаш и инициравме обемен пакет дипломатски и политички документи. Официјалните протестни и придружни писма истовремено беа доставени до следните институции:
• До Амбасадата на Република Бугарија во Берлин (како и до генералните конзулати во Франкфурт и во Минхен) – со категорично барање да се дистанцираат од изјавите на Костадинов и строго да ги отфрлат сите предлози што го навредуваат нашиот идентитет.
• До Министерството за надворешни работи на Германија (лично до сојузниот министер д-р Јохан Вадепул и надлежниот Сектор за Југоисточна Европа) – со апел јасно да се осуди овој агресивен ревизионизам пред бугарските партнери и да се заштити општествениот мир на дијаспората во Германија.
• До Комитетот за човекови права и хуманитарна помош на германскиот Бундестаг – со цел растечкиот антимакедонизам да се стави на парламентарната агенда на сојузната политика.
• До Европскиот парламент и Европската комисија – за проверка на прекршувањата на темелните права на ЕУ.
2. Натаму, за потсетување, во мај 2026 година Централниот совет на Македонците во Германија објави дека поднел формална жалба до Европската комисија против Бугарија. Во неа се повикува на членови од Договорот за Европската Унија и тврди дека идентитетско-политичките барања не треба да бидат дел од acquis communautaire, односно од корпусот на европското право според кој се оценува подготвеноста на кандидатите за членство. Барањата се конкретни:
• да се отстранат упатувањата кон протоколот од 17 јули 2022 година од преговарачката рамка;
• Европскиот совет јасно да утврди дека јазикот, националниот идентитет и историјата не се предмет на пристапните преговори;
• Европската комисија да го разгледа прашањето од аспект на правото на ЕУ;
• да се обезбеди институционално разјаснување околу статусот на македонскиот јазик;
• да се отвори и прашањето на реципроцитетот во однос на правата на Македонците во Бугарија.
Ова последново е особено важно. Советот ја поврзува европската интеграција на Македонија со положбата на Македонците во Бугарија. Во својата жалба наведува дека постојат пресуди на Европскиот суд за човекови права поврзани со регистрацијата и правото на здружување на македонски организации во Бугарија. Прашањето, според тоа, повеќе не се поставува само како спор меѓу Скопје и Софија туку и како прашање на почитување на европските правни стандарди.
Од дијаспора до политички фактор
Можеби најинтересниот аспект на целата иницијатива е токму промената на улогата на македонската дијаспора. Централниот совет е основан во 2019 година, а како здружение е регистриран во Берлин во јануари 2020 година. Според сопственото претставување, тој е непартиска и непрофитна организација чија цел е, меѓу другото, „зачувување на културниот идентитет и унапредување на германско-македонските односи“. Но шест години подоцна неговата активност се движи многу подалеку од културната сфера:
– писма до канцеларот на Германија;
– писма до европските комесари;
– апели до европратеници;
– формална жалба до Европската комисија;.
– правни аргументи засновани врз европските договори.
Тоа е веќе обид за институционално лобирање. А токму во тоа може да се најде новата политичка тежина на македонската дијаспора во Германија. Д.П.
Интернационализација на македонското прашање и негово префрлање во секојдневниот германски институционален живот
Пораките на 150 илјади Македонци што живеат во Германија
Централниот совет на Македонците во Германија е регистриран како граѓанско здружение во Германија, кое ги застапува интересите на македонската заедница пред германската јавност, политика и администрација. Советот наведува дека „неговите членови потекнуваат од првата или втората генерација на околу 150.000 Македонци што живеат во Германија“.
Централниот совет на Македонците во Германија го префрла прашањето
во секојдневниот германски институционален живот
За Централниот совет на Македонците во Германија особено е интересен аргументот дека спорот не останува само „во доменот на историјата“. Централниот совет на Македонците во Германија го префрла прашањето во секојдневниот германски институционален живот!
Во Германија постојат државни испити за преведувачи и толкувачи на македонски јазик, постојат јазични посредници што работат со германски институции, судови, болници и образовни установи, а македонскиот јазик се изучува во рамките на наставата по јазиците на потеклото. Токму затоа Централниот совет на Македонците во Германија предупредува дека политичкото оспорување на самостојноста на македонскиот јазик може да создаде, како што го нарекува, „структурна правна несигурност“ за луѓето што веќе живеат и работат во ЕУ. Тоа е можеби најновиот елемент во овој настап на Централниот совет на Македонците во Германија, имено од спор на дебати околу историските толкувања, прашањето се претвора во спор за „практичните последици од признавањето на јазикот“.
Македонија како тест за европското проширување
Во последниве години македонскиот случај сè повеќе се претвора во тест за кредибилитетот на политиката на проширувањето. Македонија прво се соочи со долгогодишниот спор со Грција и Преспанскиот договор. Потоа дојдоа бугарското вето и нови услови. Во меѓувреме, Албанија, која во 2022 година го започна пристапниот процес заедно со Македонија, продолжи со своите преговори одделно. И токму оваа споредба ја користи Централниот совет. Прашањето не е само зошто Македонија НЕ напредува. Прашањето е зошто две земји што го започнаа процесот во ист момент се најдоа на толку различни позиции. Во Европскиот парламент, пак, процесот продолжува да биде предмет на редовно следење. Томас Вајц е известувач за извештајот на Европската комисија за Македонија за 2025 година, а во 2026 година процедурата е активна во Комитетот за надворешни работи. Тоа значи дека македонското прашање повторно ќе биде присутно во европските институции и во наредниот период.
Македонците од Германија го дадоа својот одговор!
Дали пресингот на Централниот совет на Македонците во Германија ќе даде резултат? Сметам дека е прерано да се каже. Но една работа е очигледна. Спорот со Бугарија повеќе не се води само меѓу Софија и Скопје. Тој се преселува во Берлин, Брисел, Европскиот парламент и во правните служби на европските институции. И наместо само политичко прашање, сè повеќе се поставува како прашање на европското право.
Дали идентитетот, јазикот и историјата на една кандидатска држава може да бидат услов за членство? Дали правото на вето може да биде инструмент за решавање билатерални историски спорови? И, можеби најважно, дали Европската Унија може да го зачува принципот дека проширувањето се темели врз правила што важат еднакво за сите?
Македонците од Германија веќе го дадоа својот одговор! Д.П.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија































