Индискиот премиер Нарендра Моди порача дека реформата на Советот за безбедност на Обединетите нации повеќе не може да се одложува и повика на утврдување конкретни рокови и јасни резултати од реформскиот процес.
Говорејќи на отворањето на состанокот на шефовите на држави или влади на земјите членки на БРИКС во Њу Делхи, Моди оцени дека промените се потребни и во глобалниот систем на економско управување, пренесе МИА.
– Правото на глас, лидерските позиции и политичките приоритети во финансиските институции мора да бидат во согласност со современите економски реалности – рече индискиот премиер.
Тој нагласи дека земјите кои го движат глобалниот економски раст треба да имаат соодветна улога во обликувањето на системот на глобалното економско управување.
Моди предложи БРИКС да подготви план за реформа на глобалното управување, со цел до следниот самит да се формулира мапа на патот за реформите.
– Земјите од глобалниот југ се во првите редови на глобалните кризи, но остануваат во втор план кога станува збор за донесувањето одлуки – посочи тој.
Во таа насока, Моди предложи земјите членки на БРИКС да состават 10 конкретни предлози за реформа на системот на глобалното управување.
Индискиот премиер предложи и формирање служба за итна помош на морнарите во рамките на БРИКС. Како што објасни, службата би ги поврзала поморските власти и дипломатските мисии на релевантните земји и би обезбедувала помош при повици за помош, медицински интервенции, известување на семејствата и евакуации.
– Тие даваат огромен придонес во глобалната трговија, но во тешки времиња често немаат поддршка – рече Моди.
Моди во моментов претседава со БРИКС.






























