Фото: ЕПА
  • Поплаки за несовпаѓањето меѓу евидентираните субвенции и официјалната големина на националното стадо говеда во Грција се поднесени до канцеларијата на европското јавно обвинителство ЕППО, која веќе разгледува десетици случаи во Грција во кои се вклучени луѓе што наводно добиле субвенции од ЕУ за пасишта што не ги поседувале или што не ги изнајмиле, или за земјоделска работа што не ја извршиле
  • Ветеринари и службеници во ОПЕКЕПЕ – агенцијата порано одговорна за распределба на средства од ЕУ за земјоделство, која беше затворена поради скандалот со земјоделските субвенции – наводно играле улога во зголемувањето на евиденцијата за добиток, според документ што ЕППО го достави до грчкиот парламент, со кој бара да им се укине имунитетот на неколку пратеници

Грчки сточари во 2024 година побарале субвенции од ЕУ за десетици илјади грла добиток за кои нема податоци во официјалните државни евиденции, според анализата на владини податоци извршена од „Политико“. Ова откритие се заканува да се прошири во поширок скандал со грчките субвенции. Анализата открива несовпаѓања меѓу намалувањето на националното стадо говеда, како што објави грчката агенција за статистика ЕЛСТАТ, и субвенциите евидентирани од грчкото Министерство за земјоделство.
Неодамнешните скандали со земјоделски производи ја принудија владата во Атина да вети реконструкции и зголемување на контролата врз земјоделството. – Грчкото сточарство врти нова страница. Ги исполнува своите обврски кон ЕУ и влегува во нова ера во земјоделскиот сектор – регулирана со правила, транспарентност и сигурност – рече министерот за земјоделство Маргаритис Шинас на прес-конференција во јуни.
Но несовпаѓањата во податоците сугерираат дека има уште многу да се направи пред владата да има доволно информации за да се справи со ова прашање. За 2024 година, податоците од Министерството за земјоделство покажуваат дека грчките власти исплатиле субвенции од ЕУ за околу 260.000 крави во лактација, според бројките цитирани од грчки земјоделски новински сајт и потврдени од „Политико“ со Министерството за земјоделство.
Бидејќи кравата во лактација генерално раѓа едно теле годишно, тие крави требало да додадат приближно ист број телиња во националното стадо. Податоците од Министерството за земјоделство, исто така, покажуваат дека во текот на 2024 година околу 70.000 говеда биле заклани за месо, што исто така се квалификува за субвенции.
Грција не објавува сеопфатни бројки за говеда што се убиваат поради нивната возраст, намалена продуктивност или болести. Но тројца грчки одгледувачи на говеда изјавија за „Политико“ дека таквите отстранувања изнесуваат приближно 20 проценти од стадото секоја година. Со оглед на тоа што во Грција имало околу 600.000 грла говеда во 2024 година, според ЕЛСТАТ, тоа би претставувало намалување од околу 120.000 животни.
Според податоците за субвенциите, таа процена сугерира дека националното стадо требало да се зголеми за околу 70.000 таа година. Наместо тоа, податоците собрани од ЕЛСТАТ преку годишни анкети покажуваат дека националното стадо се намалува, од околу 640.000 во 2023 година на 600.000 во 2024 година на 520.000 во 2025 година, според најновите бројки објавени во јуни.
Расправата може да биде уште поширока, рече Никос Димопулос, претседател на Здружението на сточари од Кавала. На пример, некои од животните што биле заклани можеби биле увезени, а не отстранети од националното стадо. Во повеќето години, Грција е нето-увозник на говеда и извезува само мал број.

– Нема надзор и не можеме да имаме точна бројка бидејќи нема точни податоци – рече Димопулос. Властите вршат само проверки на самото место или истражуваат по жалба.
Слични несовпаѓања се појавуваат и во евиденцијата за овци и кози во Грција. ЕЛСТАТ пријави популација од околу 8,8 милиони животни во 2025 година, додека околу 15,7 милиони биле регистрирани во Интегрираниот ветеринарен информациски систем на земјата, владината база на податоци.
Двајца службеници на Министерството за земјоделство, на кои им била дадена анонимност бидејќи не биле овластени да коментираат за ова прашање, рекле дека министерството не е одговорно за водење евиденција за добиток и се потпира на податоци доставени од општините. Земјата нема безбеден и сигурен регистар врз основа на кој би се базирала исплатата на субвенциите за добиток, велат експертите.
– Освен ако не спроведеме национален попис на добиток за да видиме што всушност имаме, нема да имаме јасна слика – рече Димопулос.
Поплаки за несовпаѓањето меѓу евидентираните субвенции и официјалната големина на националното стадо говеда се поднесени до Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) од неодамна формираната левичарска партија Елас на поранешниот премиер Алексис Ципрас, која спроведе сопствена студија за бројот на добиток.

– Поплаки се испратени до ЕППО – рече Томас Мошос, кој ја предводи земјоделската политика на партијата. Тој додаде дека Земјоделското здружение на Костурја, организација на мали земјоделци каде што тој е претседател, заедно со други здруженија веќе поднело приговори до надлежниот орган.
ЕППО, кое одби да потврди дека го испитува прашањето, веќе разгледува десетици случаи во кои се вклучени луѓе што наводно добиле субвенции од ЕУ за пасишта што не ги поседувале или што не ги изнајмиле, или за земјоделска работа што не ја извршиле. Во јули, агенцијата објави дека поднела обвинение против 22 обвинети, вклучувајќи четворица пратеници од владејачката партија Нова демократија, како дел од својата истрага за земјоделска измама. Судењата за пратениците започнуваат во Атина во октомври. Сите тие негираат какво било кривично дело.
Ветеринари и службеници во ОПЕКЕПЕ – агенцијата порано одговорна за распределба на средства од ЕУ за земјоделство, која беше затворена поради скандалот со земјоделските субвенции – наводно играле улога во зголемувањето на евиденцијата за добиток, според документ што ЕППО го достави до грчкиот парламент, со кој бара да им се укине имунитетот на неколкумина пратеници.
Еден случај на ЕППО во кој е вклучен пратеник од Нова демократија се однесува на наводни исплати на субвенции на одгледувач за повеќе крави отколку што всушност поседувал. Според досието на случајот што го виде „Политико“, пратеникот се јавил кај висок функционер на ОПЕКЕПЕ за да изврши притисок за исплата и рекол дека ветеринарот веќе ги изменил броевите на животните на одгледувачот во официјалната ветеринарна база на податоци, со што се зголемила субвенцијата за која имал право. Случајот ќе биде разгледан на 2 октомври.
Скандалот ја поттикна владата да воведе нови контроли, како што е електронски систем за идентификација на овци и кози со употреба на капсули за желудник, познати како болуси. Системот треба да биде тестиран годинава на фарми со повеќе од 900 животни, опфаќајќи околу 700.000 овци и кози, пред да се прошири во наредните години.
Во март, Грција достави акционен план до властите на ЕУ во кој се утврдени мерки за спречување неправилно распределување на земјоделските средства.
Европската комисија соопшти дека ќе соработува со Грција за да помогне во „понатамошното подобрување на управувањето“ со европските земјоделски субвенции.
– Се постигнува добар напредок. Но сè уште има работа што треба да се заврши – соопшти комесарот за земјоделство Кристоф Хансен во писмена изјава.