ТЕНИС – САД ОПЕН
- И да го освои турнирот, Сабаленка од понеделник повеќе веќе нема да биде на врвот на ВТА-листата, туку втора, а нејзиното место ќе го заземе токму Рибакина, која досега беше втора
Белорусинката Арина Сабаленка (1) и Казахстанката Елена Рибакина (2) ќе играат во денешното поединечно женско финале (22 ч.) во Њујорк, на гранслем-турнирот САД опен. Сабаленка, која е двојна победничка во низа на овој турнир, во полуфиналето за 80 минути ја победи третата тенисерка на светот, Американката Џесика Пегулу, со 7-5, 6-2 и по трет пат во низа е финалистка. Ривалка ќе ѝ биде Казахстанката Елена Рибакина, која по голема борба ја совлада домашната тенисерка Коко Гоф (4) со 3-6, 6-4, 6-4. За Рибакина, која победи на годинашниов гранслем-турнир Австралија опен, ова и е прв пласман во финалето на САД Опен. Сабаленка и Рибакина досега се сретнале 17 пати, а поуспешна е Сабаленка со 10 победи. Ова всушност ќе биде реприза од мечот за титулата на Австралија опен 2026, кога славеше Рибакина.
Интересен е фактот што и да го освои турнирот, што ќе биде нејзин вкупно петти гранслем-турнир, од понеделник на женската ВТА-листа Сабаленка повеќе веќе нема да биде на врвот, туку втора, а нејзиното место ќе го заземе токму Рибакина, која досега најголемиот дострел на САД опен ѝ беше четвртото коло.
Во првото машко полуфинале на САД опен, доцна синоќа требаше да играат Германецот Александар Зверев (2) и Русинот Карен Хачанов (50), а во второто, рано утрово, Американците Бен Шелтон (9) и Франсес Тиафо (12). Г.И.
































