До меѓународниот аеродром во Ларнака преку факс била испратена информација за бомба во авион кој требало да полета за Рим, по што околу 190 патници биле евакуирани, пренесе „МИА“.
Според кипарскиот весник „Филелефтерос“, полицијата потврдила дека добила информација за можна закана, поради што авионот бил задржан и биле активирани сите предвидени безбедносни протоколи.
На местото се распоредени засилени полициски и противпожарни екипи, како и специјално обучени кучиња, објави кипарската телевизија „Сигма“.
Надлежните служби вршат детална проверка на авионот и спроведуваат истрага за заканата.
Од полицијата посочиле дека се преземаат сите неопходни мерки, додека аеродромот во Ларнака продолжува да работи непречено.

































