Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Македонија ја очекува стабилна зима, со сигурно снабдување со енергенси и без осцилации во цените и количините.
Одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реновираната Клиника за неврофизиологија, Мицкоски рече дека Владата работи од јануари цената на електричната енергија да остане иста, а се разгледува и можноста за нејзино намалување или продолжување на евтината тарифа.
– Сакам да ги уверам граѓаните дека ќе имаме стабилна зима, со стабилно снабдување на енергенси, без осцилации во цената или количината – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека водните акумулации се на околу 50 отсто, а во тек се ремонтите на термоенергетските постројки. Според временските прогнози, целосната грејна сезона се очекува да започне меѓу 2 и 5 ноември, а дотогаш, како што рече, подготовките ќе бидат завршени.
Мицкоски додаде дека Договорот со Косово за јагленот ќе придонесе за намалување на трошоците за производство на електрична енергија во домашните капацитети.
Во однос на гасот, премиерот не очекува значителни последици за Македонија, иако прогнозира дека неговата цена на европскиот пазар може да се зголеми двојно, па дури и тројно.
– Не сме голем консумент и со оглед на технологијата, не очекувам какви било шокови – рече Мицкоски, посочувајќи дека когенеративните постројки истовремено произведуваат топла вода и електрична енергија, со што се амортизираат повисоките влезни трошоци.
Во однос на нафтените деривати, Мицкоски рече дека веќе се преземени мерки, меѓу кои пониски акцизи и прогласена кризна состојба. Според него, токму овие мерки придонеле бензините во земјава да бидат до половина евро поевтини за литар во споредба со соседните земји.
Тој информираше дека државните резерви се на солидно ниво, продуктоводот е полн, а увозниците уверуваат дека има доволно количини на нафтени деривати.
– Не гледам во овој момент можност и причина за стравување во текот на зимата. Загрижен сум за тоа до кога сето ова ќе трае, а на тоа прашање никој во светот не може да даде одговор – додаде Мицкоски.
































