Инвестицискиот циклус во земјава треба да се зачува и дополнително да се поддржува, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на регионалната конференција „Охрид 2026“.
На панел-дискусијата „Од притисокот во еврозоната до фискална отпорност“, министерката истакна дека економијата бележи континуиран раст во последните 10 квартали, со стапка од околу или над 3 проценти, додека во последниот квартал растот достигнал 4,3 проценти.
Според неа, ваквите резултати покажуваат дека економијата се движи во добра насока, но инвестициите се клучни за одржување на растот.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека поддршката на инвестициите мора да оди паралелно со постепена фискална консолидација. Таа посочи дека при подготовката на последниот ребаланс на Буџетот било неопходно да се направи баланс меѓу намалувањето на дефицитот и обезбедувањето средства за инвестициони проекти.
– Најголем дел од дефицитот ќе оди кон финансирање проекти кои ќе додадат дополнителна вредност за економијата – рече министерката, додавајќи дека истовремено ќе се работи и на приходната страна.
Според неа, фискалната консолидација мора да биде приоритет бидејќи има директно влијание врз кредитниот рејтинг и идните каматни стапки. Сепак, таа оцени дека процесот не треба да се спроведува пребрзо и по секоја цена.
Целта е буџетскиот дефицит да се намали под 3 проценти, а јавниот долг под 60 проценти, но без да се загрози инвестицискиот циклус.
Министерката посочи дека инвестициите се главен двигател на растот на БДП, а податоците за вториот квартал го потврдуваат тоа. Таа потсети дека земјата во првиот квартал од 2024 година имала раст од само 1,6 проценти.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека економскиот раст не зависи само од државата, туку и од инвестициите на приватниот сектор. Како важни механизми за поддршка ги посочи Развојната банка и Законот за финансиска поддршка, но и предвидливоста на економските политики.
– Имаме инвестициски циклус кој треба да го чуваме и да помагаме колку што можеме и како држава – порача таа.
Министерката оцени дека и покрај позитивните резултати, во економијата сè уште постојат структурни проблеми. Таа најави можни промени во системот на финансиска поддршка со цел дополнително да се помогнат компании и сектори за кои се смета дека имаат потенцијал за развој.
Димитриеска-Кочоска истакна дека странските инвеститори имаат значајна улога во создавањето на БДП, но дека економијата не треба долгорочно да зависи само од нив.
Како важен инструмент за економска трансформација таа го посочи и Планот за раст, кој, според неа, треба да придонесе кон подобрување на администрацијата, законодавството и институционалното функционирање, како и кон приближување на земјата до европските стандарди.






























